Собранието го усвои Законот за енергетска ефикасност, во пракса ќе видиме колку ќе се почитува

Собранието на Република Северна Македонија на последната седница го усвои Законот за енергетска ефикасност, подготвен од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини. Новата законска рамка, усогласена со европските стандарди, има за цел да обезбеди пониски сметки за граѓаните, почиста животна средина и отворање на нови зелени работни места.

Законот носи суштински исчекор во намалување на потрошувачката на енергија, интеграција на обновливи извори и намалување на емисиите на стакленички гасови. Тој е клучен дел од зелената транзиција и приближувањето кон европските климатски цели.

Клучни новини од Законот за енергетска ефикасност:

  • Воведување на европскиот принцип „Енергетска ефикасност на прво место“
  • Долгорочна стратегија за реконструкција на станбени, јавни и комерцијални згради
  • Задолжителна реконструкција на најмалку 3% од јавните згради годишно
  • Соларни колектори при изградба или реконструкција на училишта, градинки и јавни институции
  • Финансиска поддршка за инвестиции во соларни панели, геотермални системи и паметни технологии
  • Високи стандарди во јавните набавки и дигитална транспарентност
  • Вклучување на енергетски сертификати во Катастарот на недвижности и поттик за меѓуопштинска соработка

Со овој закон се воспоставува стабилен систем кој ќе ја зголеми енергетската сигурност, ќе ја забрза интеграцијата на обновливите извори и ќе создаде подобри услови за живот на граѓаните.

Министерството за енергетика останува посветено на целосната реализација на реформите и усогласување со европското законодавство, нагласувајќи дека овој закон е дел од пакетот реформски мерки за модерен, одржлив и конкурентен енергетски сектор.

Зачлени се на нашиот е-билтен