Мицкоски најави казни за трговците деновиве

Премиерот Христијан Мицкоски најави засилен надзор врз трговците преку Државниот пазарен инспекторат и Комисијата за заштита на конкуренцијата, но истовремено оцени дека цените на земјоделските производи и натаму ќе бидат високи поради сезонските и пазарните фактори. Тој потврди дека дел од трговците работат со високи маржи и дека за некои субјекти се водат прекршочни постапки.

„Преку Државниот пазарен инспекторат и Комисијата за заштита од конкуренција, секојдневно го следиме однесувањето на трговците и убеден сум дека во наредниот период ќе биде сведено таквото однесување на минимум“, изјави Мицкоски, додавајќи дека јавноста ќе биде информирана за изречените мерки.

Според него, годинава клучните култури – ајварка, зелка, грозје – достигнале „историски највисоки цени“, што, како што рече, значи и повисоки приходи за производителите. „Трошоците за производство се зголемени за над 2 отсто, а продажните цени за 12–13 отсто. Земјоделците или продаваат директно во маркетите, или на трговците. Порано цената се држеше ниска со политички договори, денес производителите добиваат повеќе“, рече премиерот.

Мицкоски оцени дека, и покрај високите цени на полиците, инфлацискиот притисок слабее. „Во август, во однос на јули, на месечна основа имаме негативна инфлација, и очекувам тој тренд да продолжи“, изјави тој, најавувајќи континуирани контроли кај трговците.

Како индикатор за економско закрепнување, премиерот посочи дека во јули трговијата во индустријата пораснала за 13–14 отсто на годишна основа, а извозната размена „за над 15 отсто“. „Тоа е добар показател. Во првиот квартал имавме 3,2% раст на БДП, во вториот 3,4%, и очекувам трендот да продолжи“, додаде Мицкоски.

Премиерот најави дека државните органи ќе продолжат со координиран надзор за спречување нелегитимни договорни практики и прекумерни маржи, со цел да се заштити конкуренцијата и потрошувачите. Не прецизираше временска рамка за објавување на казните, но рече дека првичните информации ќе бидат соопштени „деновиве“.

Зачлени се на нашиот е-билтен