Зголемено насилство врз трансродови лица, особено на Балканот

Насилството и вознемирувањето врз интерсекс и трансродови лица се зголемени во Европската унија и на Западен Балкан од 2019 година, покажува новиот извештај на Европската агенција за фундаментални права (FRA). Како главна причина се посочуваат дезинформациите и негативниот политички говор.

Истражувањето, спроведено во 2023 година врз 1.920 лица во 30 земји од ЕУ и регионот, укажува дека една од три трансродови личности била физички или сексуално нападната во последните пет години. Оваа група е означена како „екстремно маргинализирана“.

Во извештајот се наведува дека насилството врз трансродови лица бележи „значително зголемување“ во споредба со 2019 година – дури три пати поголемо отколку кај останатите членови на ЛГБТИК+ заедницата.

Повеќе од две третини од анкетираните (69%) сметаат дека главната причина е „негативниот однос и говорот на политичарите“. Дополнително, 57% од испитаниците поминале низ хируршки или други медицински интервенции за промена на сексуални карактеристики „без нивна јасна согласност“.

Извештајот нотира дека 39% од трансродовите лица биле изложени на т.н. „конверзивни практики“, што е значително повисока стапка од просекот во ЛГБТИК+ заедницата (25%).

FRA предупредува и на влијанието на дезинформациите, особено преку интернет, кои најчесто таргетираат трансродови и интерсекс лица – групи за кои општата јавност има малку познавање.

Агенцијата препорачува ЕУ и земјите членки јасно да ја вклучат трансродовоста во законите за заштита од дискриминација и да се воведе целосна забрана на „конверзивни“ практики.

„Трансродовите лица се соочуваат со алармантни нивоа на исклученост, а справувањето со тоа бара итна реакција,“ изјави директорката на FRA, Сирпа Раутио.

Зачлени се на нашиот е-билтен