Денеска светот го одбележува Меѓународниот ден на еднакви плати – ден што потсетува на една од најупорните неправди на пазарот на трудот: жените сè уште заработуваат помалку од мажите и покрај тоа што принципот на еднаква плата за еднаква работа е воспоставен уште во 1957 година со Договорот од Рим.
Алијансата за родова еднаквост на работното место (Gender Equality Alliance – GEA) по повод овој ден потсетува дека иако европското законодавство преку низа директиви обезбедува еднакви услови за работа, социјална сигурност и пристап до услуги, во пракса напредокот е бавен и недоволен.
Глобални и европски разлики
Според Меѓународната организација на трудот (ILO), жените во светот заработуваат во просек 20% помалку од мажите – или за секој 1 долар што го заработува маж, жената добива само 80 центи. Во Европската Унија, просечниот родов јаз во платите во 2023 година изнесувал 12,7% (Eurostat). Најголем јаз има во Латвија (19%), додека во Луксембург жените заработуваат повеќе од мажите, со родов јаз од –0,9%.
Македонија: Законите постојат, но праксата е друга
Иако македонското законодавство пропишува еднаков третман во однос на вработувањето и платата, податоците покажуваат дека разликата останува. Во 2022 година, родовиот јаз во платите изнесувал 13,5%. Просечната годишна бруто-заработувачка кај мажите изнесувала 615.725 денари, додека кај жените 532.625 денари. Најголема разлика се јавува кај вработените на возраст од 45–49 години, а според степенот на образование, кај оние со високо образование.
Факторите се бројни: ниска застапеност на жени во менаџмент, поголема застапеност во сектори со пониско вреднуван труд, дискриминација, недоволно вреднување на „женските“ професии, како и фактот дека 80–90% од работниците со минимална плата се жени.
Економски потенцијал, а не само прашање на правда
GEA потсетува дека оваа разлика не е само прашање на правичност, туку и на економска рационалност. Според ILO, доколку родовиот јаз во учеството на пазарот на труд се намали за 25% до 2025 година, глобалниот БДП би пораснал за 3,9% или 5,8 трилиони американски долари.
– „Јасно е дека жените претставуваат најголемиот неискористен потенцијал за економски раст,“ велат од Алијансата.
Алијансата за родова еднаквост на работното место повикува институциите, работодавачите и општеството во целина да обезбедат:
- еднаква застапеност на сите нивоа и позиции,
- еднаква плата за иста работа,
- еднакви можности за напредок.
Родовата еднаквост, нагласуваат, е предуслов за праведно општество, одржлив развој и економски раст.
Алијансата е иницијатива на Асоцијацијата за е-трговија, а ја поддржуваат Eurolink, Casys и Halkbank како главни партнери, заедно со повеќе компании и организации кои се приклучуваат на заедничката цел за инклузивна и праведна работна средина.