На плажа во Латвија е пронајден фрагмент од рускиот дрон „Гербера“, додека во Полска се откриени делови од проектил, веројатно употребен за соборување на една од ваквите летатели, соопштија вчера и денеска локалните власти, пренесува „Kyiv Independent“.
Овие наоди доаѓаат нешто повеќе од една недела по тоа што Русија го изврши најголемото нарушување на воздушниот простор на НАТО од почетокот на инвазијата на Украина во 2022 година, кога најмалку 21 дрон влезе на територијата на Полска за време на масовниот напад врз Украина.
Дел од дронот „Гербера“ е пронајден во близина на селото Варве, во западниот округ Вентспилс. Латвискиот министер за одбрана, Андрис Шпрудс, потврди дека, според проценката на армијата, остатоците не содржат експлозив. Потсетуваме, Латвија е членка на НАТО.
Дроновите од типот „Гербера“ се дизајнирани како мамки за преоптоварување на украинската противвоздушна одбрана. Изработени се од стиропор и шперплоча, тежат помалку од 20 килограми и имаат дострел до 600 километри. Се смета дека токму вакви дронови на 10 септември го нарушиле полскиот воздушен простор.
Латвиската премиерка Евика Силиња побара од министрите за одбрана и за внатрешни работи да стапат во контакт со нивните полски колеги за да се утврди дали пронајдениот дрон е еден од оние што минатата недела биле забележани над Полска.
„Наш приоритет е зајакнување на источната граница, но јасно е дека заштитата на брегот на Балтичкото Море со поставување соодветни сензори е подеднакво важна“, напиша Силиња на социјалната мрежа X.