Новата одлука на претседателот на САД, Доналд Трамп, да воведе такса од 100.000 долари за апликации за H-1B визи предизвика невидена конфузија кај компаниите и странските работници, особено во технолошкиот сектор на Силиконската долина, кој силно се потпира на оваа виза.
Иако Белата куќа подоцна се обиде да разјасни дека високата такса ќе важи само за нови кандидати, а не за постојните носители или оние што ја обновуваат визата, штетата веќе беше направена – илјадници инженери, програмери и специјалисти беа предупредени од своите компании да не ја напуштаат Америка додека не се расчистат правилата.
Меѓу првите кои издадоа итни насоки беа Amazon, Microsoft, JPMorgan и Goldman Sachs, кои побараа од своите вработени со H-1B визи да бидат претпазливи со меѓународните патувања.
Адвокатските фирми за имиграција предупредија дека одлуката може да предизвика масовен хаос и правна несигурност, додека стартап заедницата реагираше бурно. „Ова е огромен подарок за Ванкувер, Торонто и секој друг странски технолошки центар“, изјави Гари Тан, извршен директор на Y Combinator.
Во Индија, чијите државјани се најголеми корисници на програмата, Министерството за надворешни работи изрази загриженост дека новите правила ќе имаат „хуманитарни последици за илјадници семејства“ и побара итна реакција од Вашингтон.
Иако Белата куќа тврди дека промената има за цел да охрабри вработување на американски работници, аналитичарите предупредуваат дека тоа може да ја ослабне конкурентноста на САД во трката за вештачка интелигенција и технолошки иновации.