Од вчера, љубителите на природата и фотографијата имаат можност во Инфо-центарот при Националниот парк „Пелистер“ да ја посетат патувачката изложба со фотографии од балканскиот рис – редок и строго заштитен вид кој живее во нашите планини.




Претходно изложбата од страна на Македонското Еколошко Друштво беше поставена во НП „Маврово“, а со нејзиното преселување во Битола започна ново поглавје на оваа едукативна и инспиративна иницијатива.
Раководителот на Програмата за закрепнување на балканскиот рис, Диме Меловски, пред членството одржа кратка презентација за предизвиците со кои рисот денес се соочува. Следуваше прошетка до една од „камените реки“ на Пелистер, каде што Меловски исто така одржа кратко предавање за тоа како овие интересни појави се создаваат во природата.

Настанот беше особено свечен затоа што се совпадна со Годишната средба на Македонското еколошко друштво. Членовите на друштвото, заедно со посетителите, уживаа во прекрасно организирано отворање кое ја истакна важноста на зачувувањето на овој симбол на дивината.




Во пријатна атмосфера, посетителите имаа можност да се запознаат со уникатните фотографии кои го доловуваат животот на рисот во неговото природно живеалиште. Изложбата уште еднаш потсети дека балканскиот рис не е само редок вид, туку и дел од нашата заедничка природна и културна вредност.