Велес, некогаш познат како град на Рацин, индустријата и пастрмајлијата, последниве години сѐ почесто влегува во фокусот на јавноста поради мрачни вести – убиства, фемициди, семејни драми, тепачки и измами. Црната хроника станува речиси секојдневие, оставајќи ја јавноста со горчливото прашање: дали институциите ја губат битката со насилството?
Двојно убиство и самоубиство
Последниот случај ја потресе јавноста: во семејна куќа на улица „Кочо Рацин“, поранешен партнер со остар предмет ги уби поранешната сопруга и нејзиниот татко, а потоа си го одзеде и сопствениот живот. Настанот уште еднаш ја оголи реалноста на семејното насилство и недостатокот на системски механизми за заштита.
Убиствата на Панчо Жежовски и малата Вања Ѓорчевска
Црните страници не застануваат тука. Велешанецот Панчо Жежовски беше брутално усмртен, а случајот предизвика лавина реакции. Трагично заврши и животот на малата Вања Ѓорчевска на патот Скопје – Велес, уште еден симбол на институционалната немоќ.
Напади и семејно насилство
Синоќа полицијата уапси 59-годишен велешанец кој прво нападнал 51-годишна жена на нејзиното работно место, а потоа во два наврати насилно упаднал во нејзиниот дом и повторно ја нападнал. Случајот е документиран, но прашањето останува – дали брзата реакција ќе се претвори во трајна заштита или само во уште една полициска белешка?
Тепачки во верски објект и угостителски локал
Во август два инциденти ја разбрануваа јавноста: прво во дворот на верски објект, а потоа во угостителски локал, каде повеќе лица физички се пресметуваа. И двата случаи завршија со пријави, но оставија впечаток на град во кој насилството преминува сите граници.
Измами и криминал
Во мај, струмичката полиција приведе велешанец кој преку фан страница на социјални мрежи продавал „благословени предмети“ и религиозни книги, доведувајќи луѓе во заблуда дека средствата од продажбата одат за донации.
Скандал во градинка
Градот го потресе и случајот со негувателка во градинка која им давала електронски цигари на деца. Судот ја прогласи за виновна, но условната казна предизвика остри реакции во јавноста.
Град во кој убавото и црното коегзистираат
Додека Велес гордо ја носи титулата град на Рацин и дом на традиционалната пастрмајлија, сенката на црната хроника станува се поголема. Системските пропусти и институционалната негрижа се препознаваат како главни виновници за ваквата состојба. Прашањето е колку уште трагедии ќе бидат потребни за државата да обезбеди вистинска заштита и превенција?
Легендата за Велес
Градот Велес го добива името според овој старословенски бог со исто име Велес. Интересен е фактот дека над Велес постои рид кој го носи името на Илија громовникот – христијанската замена за Перун, најголемиот непријател на Велес. Овој тренд на „замени“ може да се забележи и во други словенски предели – хрватскиот град Волоско е изграден под врвот Перун на планината Учка. Кај западните Словени, пак, Велес се појавува во чешките списи од 15 век, но неговото име таму веќе означува или змеј или ѓавол. Да не заборавиме и дека денешното знаме на Велс – Wels – Wales има апликација на црвен змеј, што повторно неодоливо асоцира на симболиката на Велес.

Според една стара словенска легенда, Велес живеел во корените на светското дрво, чувар на подземниот свет и на добитокот. Секогаш бил во вечна борба со Перун, богот на громовите, кој од врвот на дрвото испраќал молњи за да го казни. Велес, пак, се претворал во различни животни – најчесто змија или мечка – и се качувал кон врвот за да ја украде стадото или знаењето што го чувал Перун. Кога Перун ќе го погодувал со молња, дождот се истурал врз земјата – симбол на плодност и обновување. Така народот верувал дека секоја бура е всушност уште една битка меѓу Перун и Велес, битка без крај што ја одржува рамнотежата меѓу небото и земјата.