Мастерклас на Семи Капланоглу: Филмот се снима прво во умот

Годинешниот лауреат на наградата Златна камера 300 за особен придонес во светската кинематографија, Семи Капланоглу, денеска одржа мастерклас во Киното Манаки во Битола. Разговорот со него го водеше филмскиот критичар Благоја Куновски Доре, кој синоќа ја доби наградата Златен медал „Браќа Манаки“.

Турскиот кинематографер Капланоглу пред присутните кажа дека многу важен спомен за него ќе остане наградата која му беше доделена вчера на 46. Издание на ИФФК „Браќа Манаки“. Зборуваше и за неговото детство и родители, за почетоците во неговата кариера, како и за искуствата со снимањата на филмовите на кои работел. Сподели интересни случки поврзани со неговото образование на Универзитетот „Докуз Ејлул“, каде што се стекнал со диплома за филм и телевизија.

„Во осумдесеттите години, немавме баш слободна средина во тоа време, имавме потешкотии да стасаме до негативи од филмови или филмови кои можевме д ги користиме во нашето образование. Бевме во класот само пет студенти. Мојот професор Октај, на секој од нас ни даде камера од 8мм. Ни кажа дека лентите се заклучени, а дека секоја лента трае по 3 минути. Рече да излеземе и да снимиме наши филмови. Ние ги снимивме нашите филмови, а јас внимавав буквално на секоја снимена секунда. Откако ги вративме камерите на професорот, професорот ни кажа дека може да ги отвориме камерите и да ги изваиме лентите, по што сфативме дека камерите се празни, без ленти. Тој ден научив дека филмот не е снимен во камерата, туку во умот. Тоа беше важна лекција за мене“, рече Капланоглу.

Семих Капланоглу е признат турски сценарист, режисер и продуцент роден во 1963 година, познат по филмовите од Трилогијата за Јусуф (Јајце, Млеко, Мед), со кои стекна меѓународно признание, вклучувајќи го и престижното признание, наградата Златна мечка за филмот „Мед“ на Берлиналето во 2010 година. Овој филм раскажува приказна за младо момче кое си го бара неговиот татко кој е одгледувач на пчели откако пчелите исчезнале, а беше славен поради неговата моќна едноставност. Тоа беше прв пат турски филм да добие престижна награда после 1964 година.

Зачлени се на нашиот е-билтен