Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека Европската унија се наоѓа на работ на пропаст – со огромни долгови, проблеми со миграцијата, раст на насилството и неуспешни политики на сите полиња.
„Унгарија цврсто стои – без мигранти, држава што ја промовира семејната политика, нуди можности за оние што сакаат да работат и води правилна даночна политика“, објави Орбан на мрежата „Икс“.
Тој истакна дека Запад повеќе не е пример кој треба да се следи.
„Ни треба храброст – интелектуална, политичка и лична – за да сфатиме дека Западот не е веќе модел и да покажеме дека постои подобар пат. Европа каква што ја знаевме и ја сакавме – дојде до крај“, рече Орбан.
На националниот собир „Дигитални граѓански кругови“, пред повеќе од 10.000 луѓе, Орбан ги нарече лидерите на ЕУ „вистински лилипутанци“ кои ја претвориле Унијата во „банкротирана фирма“.
„Огромни долгови, мигранти, улично насилство, сè подлабока сенка од војната, масовни отпуштања, повисоки сметки за струја и енергенси – домаќинствата пропаѓаат, а бриселските бирократи трчаат како преплашени пилиња. Секогаш нешто пресметуваат, но никогаш не стигнуваат до резултат. Како да им е расипан навигацискиот систем“, изјави тој.
Орбан додаде дека зелените политики на Брисел ја уништуваат европската индустрија, а трговскиот договор со САД го нарече „трагичен“.
„Да беше ова филм, одамна ќе сменевме канал, затоа што сценариото е ужасно. Но, за жал, ова не е филм и не можеме едноставно да се исклучиме“, рече премиерот.
Иницијативата „Дигитални граѓански кругови“ има за цел да изгради онлајн-заедница посветена на одбрана на унгарската култура, јазик и идентитет. Досега ѝ се придружиле повеќе од 70.000 луѓе, меѓу кои јавни личности, уметници, спортисти и научници.