Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Солидарност е клучниот збор на годината

Ако годишнината од скопскиот земјотрес се одбележува, меѓу другото, и под слоганот „Скопје ја памети солидарноста“, тогаш вреди да се потсетиме на принципите на солидарноста и да се преиспитаме дали потфрливме да ја негуваме оваа хумана особина.

Зоран БОЈАРОВСКИ

Оваа година се навршуваат 60 години од катастрофалниот скопски земјотрес Скопје и нашата земја ќе организира голем број активности за да се одбележи сеќавањето на трагедијата.

Нема никакво сомневање дека клучниот збор во овој контекст ќе биде – солидарноста, бидејќи Скопје од тогаш наваму се препознава како град на солидарноста. Град во кој беа испишани безброј хумани акции кои произлегоа од човечката солидарност којашто како никогаш дотогаш се покажа токму во Скопје.

Во меѓувреме солидарноста како една од универзалните и фундаментални вредности, Обединетите нации ја ставија на листата на човековите права како вредност на која треба да се засноваат односите поединечно меѓу луѓето и меѓу заедниците на сите нивоа.

Само така оние што можат, им помагаат на оние што страдаат или што се чувствуваат обесправени, или, едноставно имаат потреба во одреден период да им се излезе во пресрет.

Во суштина без солидарност на може да се примени ниту едно човеково право зашто само ако сме солидарни, прво ќе го препознаеме отсуството на било кое човеково право зашто во основата на солидарноста е емпатијата, и второ за да се бориме секој човек, во секое време и насекаде да ги има сите човекови права мора да бидеме – солидарни.

Тоа е квалитет кој се заснова на темелната човечка и цивилизациска вредност дека сите сме еднакви едни пред други. Вредност којашто произлегува од иманентната потреба за инклузија, за социјална правда, која доаѓа од потребата за взаемна посветеност и обврска меѓу различните членови на општеството или на глобалната заедница.

Затоа, во контекст на предизвикот што доаѓа од поларизацијата меѓу поединците и заедниците (не само на етничките, туку и на заедниците кои се собрани околу било какви заеднички цели и карактеристики), на растечката самодоволност и ексклузивност наместо инклузивност, потребата од солидарност во смисла на взаемна помош, развојна поддршка и соработка е од суштинско значење.

Солидарноста е во основата на многу други човечки вредности, како што се пријателството, дружењето, лојалноста или честа. Тоа ни овозможува прво да бидеме исполнети како човечки суштества кај кои солидарноста, емпатијата и сочувството се во сржта на нашето постоење, и второ, да ја облагородиме нашата природа со чуството кое не преплавува кога сме обединети со другите кои ја добиле нашата солидарна поддршка.

Ако годишнината од скопскиот земјотрес се одбележува, меѓу другото, и под слоганот „Скопје ја памети солидарноста“, тогаш вреди да се потсетиме на принципите на солидарноста и да се преиспитаме дали потфрливме да ја негуваме оваа хумана особина.

Пандемијата со ковид-19 и економската криза беа големи тестови за солидарноста и покажаа една загрижувачка контроверза. Кога очекуваме солидарност од институциите кои главно ги препознаваме како политички, тогаш сите сме едногласни и гласни дека од нив се очекува солидарност по правило.

Не дека немаше и меѓучовечка солидарност, но за жал, Македонија поминаа низ многу искушенија кога станува збор за солидарноста и емпатијата која треба да ја манифестираат затворените заедници. Свежи се уште настаните околу Тимјаник, хајката и клаустрофобијата наместо солидарност со мигрантите, хомофобијата наместо емпатијата со различните во однос на сексуалната определба, па и пожолтениот отпор на филхармоничарите кон колегите џезери.

„Мораме да се обединиме, не за да бидеме заедно, туку да направиме нешто заедно“, ќе напише шпанскиот писател Хуан Доносо Кортес. „Никој што им го олеснил товарот на своите ближни никогаш не потфрлил на овој свет“, ќе дополни Чарлс Дикенс, двајцата за да ни укажат на тоа дека за да се биде солидарен треба да се надминат предрасудите што доаѓаат од позиција на ексклузивност. Солидарноста ги преминува сите граници за да им помогне на оние на кои им е потребна и тоа е нејзина единствена цел. Вистинската солидарност е да се даде помош без да се очекува никаква награда за возврат, зашто тргнува од убедувањето во праведност и еднаквост.

Накратко, солидарноста е најчовечката вредност затоа што овозможува да им се одолее на неволјите коишто утре може да му се случат било кому. Солидарноста е синоним за поддршка, помош и заштита. Најважната состојка на хуманоста.

Зачлени се на нашиот е-билтен