ЕУ ќе град „ѕид против дронови“ на источните граници. Состанокот на кој ќе се исцртаат контурите на овој одбранбен инструмент ќе се одржи во петок, изјави портпаролот на Европската комисија (ЕК), Томас Рение.
„Состанокот посветен на изградбата на „ѕид против дронови“ е закажан за овој петок. На него ќе учествуваат седумте земји-членки од источните граници – Естонија, Латвија, Финска, Литванија, Полска, Романија, Бугарија. Можам да ја додадам Украина на овие седум земји“, рече Рение.
Тој додаде дека потребата од создавање таков ѕид била истакната во говорот на претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, за состојбата на ЕУ.
„Мислењето на земјите-членки останува водечко по ова прашање. Ќе видиме кои се нивните интереси и како можеме да им помогнеме. Ќе видиме какви се нивните можности и потреби и по оваа дискусија ќе се дискутираат потенцијални нови чекори, заедно со овие (седум) земји-членки, Украина и другите членки на ЕУ“, додаде портпаролот.
Ова забрзано подготување на соодветен одговор на руските провокации доаѓа откако за помалку од две недели Русија го наруши воздушниот простор на Полска, Романија и Естонија, иако Кремљ негира одговорност. На 21 септември, НАТО ги подигна германските авиони „Еурофајтер“ откако руски извидувачки авион беше откриен над Балтичкото Море.