Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун го обиколи завршениот воен шпионски сателит што неговата земја треба да го лансира наскоро и изјави дека извидувањето од вселената е од клучно значење за спротивставување на Америка и Јужна Кореја, објавија денеска севернокорејските медиуми.
Ким вчера го посети сателитот во Севернокорејската вселенска агенција и го одобри „идниот акционен план“ за неговото лансирање, објави денеска официјалната новинска агенција КЦНА.
Северна Кореја не објави датум за лансирање, но некои аналитичари велат дека тоа би можело да биде во следните неколку недели.
Лансирањето би користело ракетна технологија со долг дострел, чија употреба е забранета со резолуциите на Советот за безбедност на ОН, иако Северна Кореја во претходните ракетни тестови покажа дека е способна да испрати сателит во вселената.