Во најновата дебата во емисијата „Топ Тема“, политикологот Иво Рангеловиќ ја истакна посебноста на кандидатските листи во Општина Центар, каде како што посочи, меѓу носителите на листи за советници се најдоа личности коишто не се од партиските структури.
Примерот со листата на актуелниот градоначалник и кандидат за втор мандат Горан Герасимовски е најилустративен, токму таму носител е доктор, кој што е надвор од политиката.
„Јас живеам во Центар, веројатно најсоодветно е да коментирам за таму. Ја гледав листата и на Горан Герасимовски кадешто носителот е доктор, кој не е во партија. Мислам дека истото се однесува и кај Јана. Не знам за третиот за Лабудовиќ, меѓутоа исто и во тој дел. Ако имате тројца сериозни кандидати кадешто тоа се случува во Центар, кадешто веројатно Герасимовски води и е многу можно, меѓу ретките кандидати на СДСМ да победи, доколку победите, повикајте ги опонентите заедно да соработувате во наредните четири години“, рече Рангеловиќ.
Рангеловиќ даде свој осврт за тоа како треба да изгледа работата на локалните самоуправи, истакнувајќи дека првите двајца, тројца кандидати за советници не треба да бидат членови на партија, туку да бидат истакнати луѓе во општеството.
Тој говореше дека целиот фокус треба да биде насочен кон суштинските проблеми на општините.