Биодиверзитетот исчезнува, водата се троши, а воздухот е загаден – Европа на работ на колапс


Европската агенција за животна средина (ЕЕА) денеска објави сериозно предупредување: и покрај напредокот во намалувањето на стакленичките гасови и загадувањето на воздухот, животната средина во Европа останува под силен притисок.

– Постигнат е напредок, но севкупната состојба на природата не е задоволителна – се наведува во извештајот на ЕЕА.

Заменичката претседателка на Европската комисија, Тереса Рибера, посочи дека екстремните временски услови во последниот период ја покажуваат ранливоста на просперитетот и безбедноста пред климатските промени. – Заштитата на природата не е трошок, туку инвестиција во конкурентноста, отпорноста и благосостојбата на граѓаните – нагласи таа.

Според извештајот, емисиите на стакленички гасови во ЕУ се намалени за 37% од 1990 година, најмногу поради намалената употреба на јаглен, нафта и гас, додека уделот на обновливите извори во производство на електрична енергија се удвоил од 2005 година.

Сепак, Европа се соочува со сериозни предизвици: загуба на биодиверзитет, прекумерна експлоатација на водните ресурси, неустоиви модели на производство и потрошувачка, како и зависност од фосилни горива во транспортот. Континентот се затоплува двојно побрзо од глобалниот просек, предупредува ЕЕА.

Извештајот опфаќа податоци од 38 земји и претставува најсеопфатна проценка на состојбата на животната средина и климата во Европа. Агенцијата ги повика владите да го забрзаат спроведувањето на мерките од Зелената агенда на ЕУ за да се спречи понатамошна деградација.

Зачлени се на нашиот е-билтен