Новинарите на Nova.rs на протест „Ја купивте компанијата, но не и нашата совест“

Фото: nova.rs

Неколку стотици новинари, медиумски работници и граѓани се собраа вечерва пред редакцијата на српскиот портал Nova.rs во Белград, во знак на протест против одлуките на новото раководство. Вработените се спротивставуваат на назначувањето нов главен уредник и на барањето во рок пократок од 48 часа да одлучат дали ќе продолжат да работат под негово раководство или ќе ја напуштат компанијата со отпремнина.

Заменик-главниот уредник Ратко Фемиќ порача дека новинарите не протестираат за да ги зачуваат своите функции, туку за правото на граѓаните да бидат слободно и вистинито информирани, особено пред изборите закажани за 25 октомври.

„Господа, ја купивте компанијата. Не ја купивте нашата совест. Не го купивте нашето достоинство“, порача Фемиќ пред собраните граѓани.

Тој нагласи дека за редакцијата е особено важно да може независно да известува во изборната ноќ, да ги објавува резултатите, да ги документира евентуалните неправилности и да поставува прашања без притисоци од раководството.

Повод за протестот е одлуката на новиот сопственик, компанијата „Алпак капитал“, за главен уредник да го назначи Марко Стјепановиќ, долгогодишен уредник на „Блиц“. Редакцијата се спротивставува на неговото назначување, оценувајќи дека промената непосредно пред изборите може да влијае врз уредувачката независност на порталот.

Новото раководство им понудило на вработените можност да ја напуштат компанијата со отпремнина двојно повисока од законскиот минимум. Рокот за изјаснување истекува на 15 октомври во 19 часот.

Новинарите ваквата понуда ја оценуваат како ултиматум, додека Стјепановиќ изјавил дека понудата е фер, а рокот за одлучување коректен. Според него, промената на сопственоста не е нова околност и вработените имале време да размислат дали сакаат да продолжат да работат со новото раководство.

Извршната уредничка Бојана Анѓелиќ порача дека редакцијата нема да прифати ултиматуми и дека новинарите ќе останат на своите работни места.

Поддршка за протестот дадоа и новинари од Н1 и „Форбс Србија“, како и новинарски здруженија, меѓу кои Асоцијацијата на независни електронски медиуми (АНЕМ). Здружението предупреди дека притисоците врз вработените и обидите за наметнување уредувачки одлуки можат да ја загрозат независноста на медиумот.

Протестот се одржува единаесет дена пред изборите во Србија, што дополнително ја зголемува загриженоста на редакцијата за идното известување. Новинарите најавија дека ќе ги искористат правните и другите дозволени механизми за заштита на своите работни права и професионалната независност.

Рацин.мк ве прашува:

Кој е најодговорен за тоа што Македонија сè уште се задушува во диви депонии?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој е најодговорен за тоа што Македонија сè уште се задушува во диви депонии?