Во пресрет на локалните избори во Македонија, УНИЦЕФ потсетува дека речиси една третина од населението се деца, но тие и натаму се меѓу најпогодените од сиромаштија, исклученост и недоволни вложувања. Организацијата апелира локалните власти и кандидатите во изборниот процес да ја стават благосостојбата и развојот на децата како врвен приоритет.
Одлуките што се носат на локално ниво – за училиштата, градинките, парковите и јавните простори – директно го обликуваат секојдневието на децата, нивното учење и игра. „Овие избори се можност за храбри и трансформативни заложби што ќе му помогнат на секое дете да го достигне својот целосен потенцијал“, порачуваат од УНИЦЕФ.
Главни предизвици и препораки
- Сиромаштија кај децата – 30% од децата во земјата живеат под националниот праг на сиромаштија, а 43% се соочуваат со различни форми на лишување. УНИЦЕФ препорачува општините да воведат програми за социјална заштита, како парична поддршка за семејства со новороденчиња и првачиња и ослободување од плаќање за градинка за семејства со ниски приходи.
- Квалитетно образование – Повеќе од две третини од 15-годишниците не ги постигнуваат основните вештини во читање, математика и природни науки. Едносменската настава и оптимизацијата на училиштата се клуч за подобри резултати и повеќе простор за креативни активности.
- Предучилишно образование – Само половина од децата од 3 до 5 години посетуваат градинка, а бројките се особено ниски кај децата во сиромаштија, ромските деца и децата со попреченост. Инвестициите во овој сегмент, според УНИЦЕФ, ќе донесат долгорочни придобивки и за децата и за економијата.
- Инклузија – Децата со попреченост се соочуваат со бариери во пристап до образование и услуги. Општините треба да вложат во пристапни простори, асистивна технологија и локални центри за поддршка.
- Заштита од насилство и ризици – Локалните власти можат да формираат совети за превенција и да овозможат заеднички услуги за поддршка на најранливите деца.
- Животна средина – Загадувањето и климатските промени сериозно го загрозуваат здравјето на децата. Општините имаат можност да бидат предводници на зелени политики преку урбанистичко планирање, управување со отпад и мониторинг на квалитетот на воздухот.
- Здрава исхрана – Секое трето дете во земјата има зголемена телесна тежина. Затоа, училиштата треба да обезбедат здрави оброци, свежо овошје и зеленчук, и да го ограничат присуството на нездрава храна и пијалаци.
„Децата не можат да гласаат, но нивниот глас мора да се слушне“
УНИЦЕФ потсетува дека иако децата не учествуваат на изборите, токму тие најмногу зависат од политичките одлуки што се носат денес. „Со ставање на децата во центарот на локалните политики, ќе обезбедиме поздраво и поодржливо општество за идните генерации“, се наведува во апелот.