Преговори во завршна фаза: Израел и Хамас блиску до договор за прекин на огнот

Израел и Хамас се на чекор до постигнување договор за прекин на огнот, а според изјавите на дипломатски претставници, примирјето би можело да стапи на сила уште во текот на вечерта, доколку се финализираат разговорите што се водат во египетското одморалиште Шарм ел Шеик.

Турскиот министер за надворешни работи, Хакан Фидан, денеска изјави дека страните покажуваат „силна волја“ за постигнување компромис, особено во делот на ослободување на затворени лица и заложници.

„Ако денеска се постигне конечен договор, прекинот на огнот ќе биде воспоставен со посредување. Разговорите се интензивни, а напредокот е очигледен“, изјави Фидан, пренесува The Times of Israel.

Тој објасни дека преговорите се насочени кон четири клучни точки: размена на затвореници и заложници, повлекување на израелската армија, дозвола за влез на хуманитарна помош и дефинирање на рамката за евентуален долгорочен прекин на непријателствата.

И покрај оптимизмот, Фидан предупреди дека постои ризик од политичка саботажа. Според него, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху би можел да се обиде да го поткопа процесот, додека однесувањето на Хамас во преговорите го оцени како „рационално и фокусирано на резултати“.

Во меѓувреме, висок претставник на Хамас, Тахер Ал-Нуну, потврди дека двете страни веќе размениле списоци со имиња на лица кои би можеле да бидат ослободени како дел од договорот.

Разговорите продолжуваат, а меѓународната заедница внимателно ја следи ситуацијата со надеж дека би можело да се постигне прво поголемо примирје по месеците на крвави судири и цивилни жртви

Зачлени се на нашиот е-билтен