Герасимовски: Цел Ценар е со ЛЕД осветлување а децата со бесплатни униформи

Кандидатот за градоначалник на Општина Центар од СДСМ, Горан Герасимовски, во гостувањето во „Утринско еспресо“ на Радио Лидер изјави дека новата градинка „Пролет“ е „најмодерната и најурбана во државата“, нагласувајќи дека чини „само 900 евра по квадрат“. Според него, со тоа се потврдува „домаќинското работење“ и довербата на инвеститорите во Центар, а во изминатиот период биле реконструирани и сите останати градинки на територијата на општината.

„Градинката ‘Пролет’ не само што е модерна, урбана и најдобра во државата, туку чини само 900 евра по квадрат. Тука се покажува нашето домаќинско работење и се докажува колку инвеститорите веруваат во Центар“, рече Герасимовски, додавајќи дека во училиштата се инвестирало во нови спортски сали и подобрени услови, особено во ООУ „Коле Неделковски“.

Тој посочи дека учебната 2025/26 ја започнале 4.900 ученици со бесплатни училишни униформи од прво до деветто одделение. „Посебно сум горд на тој прв училишен ден, каде што се интонираше македонската химна… сите беа во нови униформи со обележја на училиштето и на општината,“ изјави Герасимовски.

Во доменот на јавната инфраструктура, општината поставила ново ЛЕД-осветлување „во целата општина“, со што се намалиле сметките за струја и се зголемила безбедноста за пешаците и возилата. По, како што нагласи, „повеќе од 50 години и многу ветувања“, се реконструира и спортската сала „Работнички“. „Верувам дека до крајот на месец октомври ќе биде ставена во функција. Правиме притисок за да се заврши навреме,“ рече тој.

Герасимовски дополни дека е засадено ново зеленило, а во тек е и проект за нова општинска зграда со кој, меѓу другото, треба да се реши и хроничниот проблем со паркирањето во Дебар Маало. „Целта е побрзи и поквалитетни услуги за жителите и уреден јавен простор“, порача тој.

Зачлени се на нашиот е-билтен