Кандидатката на СДСМ за градоначалничка на Град Скопје, Каја Шукова, ја претстави визијата за младински ориентиран главен град со мрежа од младински хабови, градски социјален ваучер и отворање нова гимназија во Аеродром. Според соопштението, хабовите би биле современи урбани простори со директен пристап до компании, обуки, менторство и финансиска поддршка за млади претприемачи. Првите локации што ги наведува се катната гаража „Беко“ и просториите во Воената кула кај Новата железничка во Општина Аеродром, објекти во сопственост на Град Скопје.

„Мојата визија за Скопје е град што создава можности, особено за младите… младинските хабови ќе бидат мост меѓу младите и светот на бизнисот,“ изјави Шукова, додавајќи дека во рамки на центрите ќе се обезбедат насочување кон образование и кариера, обуки за дигитални вештини и претприемништво, како и менторство и финансиска поддршка.
Во пакетот со социјални мерки е и градскиот ваучер „Скопје за сите“, што, според најавата, би обезбедил бесплатен јавен превоз, влез во Зоолошката градина, музеи и библиотеки, како и субвенции за паркинг и спорт. Ваучерот е наменет за млади, семејства со пониски приходи, пензионери и лица со попреченост. „Со ваучерот ‘Скопје за сите’, ќе создадеме град што се грижи, град што е достапен и топол за сите генерации,“ порача кандидатката.
Во образованието, Шукова најавува реновирање и модерно опремување на училиштата, зголемена поддршка за младински проекти за 300 проценти, дигитализација на наставата, фонд за стипендии за спортисти и талентирани ученици и отворање нова гимназија во Аеродром. Според неа, мерките се насочени кон задржување на младите во градот и создавање квалитетни работни можности. „Кога ќе им дадеме можност на младите да успеат овде – сите ќе успееме заедно,“ вели Шукова.