Интервју со кандидатот за градоначалник на Скопје, Амар Мециновиќ

Амар Мециновиќ: „Сакам Скопје да стане функционален град кој ќе им служи на своите граѓани, а не на партиите“

„Мојот град е во ужасна состојба. Триесет години Скопје не им служи на своите граѓани, туку на партиите,“ вели Амар Мециновиќ, најмладиот кандидат за градоначалник на главниот град. По искуството во, како што самиот го нарекува, „најдисфункционалниот совет во историјата на Скопје“, Мециновиќ влегува во трката со намера „да го врати градот на граѓаните“.

„Јавните претпријатија не се неспособни, туку намерно оставени хендикепирани за да се оправда нивната приватизација,“ додава тој, најавувајќи реформи, чисти улици и транспарентна власт. Мециновиќ зборува и за враќање на детските симболи на Скопје: „Децата во главниот град веќе десет години немаат луна парк – тоа мора да се промени.“

За себе вели дека е „човек од Чаир кој денес би го заменил за подобро Скопје“, и дека во градот гледа потенцијал што треба да се ослободи: „Во институциите има неверојатен човечки капитал, само треба да се тргнат прангите на политиката.“

Рацин: Господине Мециновиќ, што ве мотивираше да се кандидирате за градоначалник на град Скопје?

Мециновиќ: Тоа што мојот град, Скопје, е во ужасна ситуација. Јас сум човек роден во деведесетите, и сè што знам е град кој не ги исполнува должностите кон своите граѓани. Во изминатите триесет години сите скопјани го делат тоа чувство. Бев советник во најдисфункционалниот совет во историјата на Скопје – овој мандат со градоначалничката Данела Арсовска – и видов што значи власт која е оттуѓена од граѓаните.

Рацин: Како го оценувате моменталниот систем во градот и кои се најголемите предизвици?

Мециновиќ: Моите противкандидати не ја разбираат длабочината на проблемот во градот. Ако повторно им се дозволи на истите блокатори да владеат со Скопје, можеме да очекуваме уште полоши четири години.

Рацин: Кои конкретни мерки би ги презеле за да се подобрат условите во јавните претпријатија?

Мециновиќ: Нашата филозофија е дека градот е составен од институции и луѓе – работниците кои секојдневно ја движат машината на градот. Треба да се спуштиме „долу на земјата“ и да ги разбереме нивните реални проблеми. Јавните претпријатија се намерно оставени во хендикеп за да не даваат добри услуги и да се оправда нивната приватизација. Како градоначалник, веднаш ќе се сретнам со сите вработени, ќе ги подобриме условите и ќе воведеме јасни, мерливи цели за директорите.

Рацин: Од кое скопско маало сте?

Мециновиќ: Од Чаир.

Рацин: Би го менувале Чаир за друго маало?

Мециновиќ: Искрено, да. Иако сум локален патриот, условите за живот во Чаир денес се девалвирани. Чаир некогаш беше „спалната“ на центарот на градот, а денес е речиси уништен.

Рацин: Дали тоа значи дека Чаир ќе биде вашиот најголем предизвик?

Мециновиќ: Меѓу најголемите, да. Чаир има делови кои личат на фавели – како Серава, Гази Баба, Три Мала – каде што нема основна инфраструктура. Но нашата филозофија е дека сите сме граѓани на Скопје, без разлика дали живееме во Чаир, Кисела Вода или Центар. Главните проблеми остануваат јавниот превоз, загадувањето и нефункционалните институции.

Рацин: Како планирате да ги оживеете јавните институции?

Мециновиќ: Верувам дека во јавните претпријатија има огромен човечки и институционален потенцијал кој треба да се ослободи од политичко влијание. Прво ќе ги подобриме условите за работа, а потоа ќе ги реформираме претпријатијата со јасна стратегија за намалување на долговите и подобрување на услугите.

Рацин: Говоревте за изградба на фотоволтаична централа за водоводот. Колку тоа е реално остварливо?

Мециновиќ: ЈП „Водовод и канализација“ моментално плаќа околу 20–25 милиони денари месечно за струја. Нашата идеја е да се изгради фотоволтаична централа од 10 мегавати, вредна околу 7 милиони евра, која би покривала 63% од тие трошоци. Средствата може да се обезбедат преку фондови и преку зголемена наплата на сметките, која сега е само околу 40%.

Рацин: Како ќе се справите со можните опструкции во Советот на градот?

Мециновиќ: Не смееме да дозволиме ВМРО да нè држи како заложници. Јас ќе соработувам со Владата, без разлика која партија е на власт, затоа што ми е важно градот да функционира – а не да биде поле за политички игри.

Рацин: Кои се вашите приоритети за јавните простори, тротоарите и хигиената?

Мециновиќ: Градот треба да има јавни простори кои не се комерцијализирани – паркови, игралишта, јавен саем во сопственост на градот. Урбаната опрема мора да биде чиста и функционална, без да го загушува просторот. Чист град значи простор за дружење, безбедност и достоинствен живот.

Рацин: Што сметате дека треба да му се врати на Скопје?

Мециновиќ: Луна паркот. Тоа е срамота – децата во главниот град веќе десет години немаат луна парк. Тоа не треба да биде приватна инвестиција, туку градски проект кој создава спомени и радост. Исто така, мора да се ревитализира Универзална сала – со соработка меѓу градот и Министерството за култура.

Рацин: Во 2028 година Скопје ќе биде Европска престолнина на културата. Како ќе се подготви градот?

Мециновиќ: Прво треба да се обноват руинираните културни објекти, да се врати животот во старите кина, да се отвори „Кино на ѕвезди“ на Средноводно и да се оживее Скопскиот фестивал. МКЦ и КИЦ треба да добијат поголема поддршка, затоа што тие се срцето на културниот живот во градот.

Рацин: Како ќе ги вклучите граѓаните во донесувањето одлуки?

Мециновиќ: Ќе организираме јавни дебати при носењето на Генералниот урбанистички план. Луѓето кои живеат на тој простор мора да имаат глас – тоа е суштината на демократијата.

Рацин: Дали се возите со ЈСП – или само за рекламни спотови?

Мециновиќ: (се смее) Се возам со ЈСП почесто од некои политичари што се сликаат во автобус. Но најмногу користам велосипед – од седумгодишна возраст до денес. Тоа е мојот начин на живот и така планирам да продолжам.

📍 Интервју реализирано во рамки на серијалот на разговори со кандидатите за градоначалник на Скопје.

Зачлени се на нашиот е-билтен