Фестивалот на камерна музика „Златна лира“ ќе се одржи од 15 до 30 октомври, соопштува Сојузот на музичките уметници на Македонија – СМУМ. Осумнаесеттото издание на фестивалот на камерна музика „Златна лира“, со својата богата традиција и препознатлив уметнички печат, останува посветен на промоцијата на врвните достигнувања во домашното камерно исполнителство.

Во рамките на годинашното издание, публиката ќе има можност да присуствува на седум камерни концерти, на кои ќе настапат реномирани македонски музичари што го градат својот уметнички пат во земјата и во странство. И годинешната програма ја нагласува разновидноста на камерните изрази и интерпретативни пристапи во камерното музицирање, што ја дефинира програмската препознатливост на фестивалот. На подиумот ќе настапат дуата Александра Коцевска и Глигор Гелебешев, Страшо Темков и Елена Атанасовска Ивановска, Даниел Апостолов и Дарко Мариновски, како и триата Академико и Анимато.
Во рамките на својата програма, фестивалот „Златна лира“ и оваа година ја продолжува мисијата на поддршка и афирмација на младите уметници, создавајќи простор за нивна промоција и за првите чекори на професионалната сцена. Настапот пред публика во рамките на еден ваков фестивал има особено значење за нивниот уметнички развој и понатамошно изградување на кариерата.
Во тој контекст, Сојузот на музичките уметници на Македонија (СМУМ) традиционално соработува со Меѓународниот натпревар на млади музичари „Охридски бисери“, кој од 2002 година се одржува секоја година во Охрид и обединува талентирани учесници од целиот свет во различни категории и дисциплини. Плод на оваа долгорочна соработка е наградата за најуспешен македонски учесник на натпреварот, што ја доделува СМУМ и која вклучува настап на фестивалот „Златна лира“. На фестивалскиот подиум оваа година ќе се претстават младите уметници Ѓорѓи Димовски и Маја Божиновска – добитници на ова признание, чие музичко изразување и уметничка зрелост најавуваат нови насоки и свежа звучна перспектива во програмата на фестивалот.
Свеченото затворање на фестивалот ќе се одржи на 30 октомври во Музејот на револуционерната борба, со настап на пијанистот Глигор Гелебешев. Вовед во завршната вечер ќе биде доделувањето на традиционалната награда „Златна лира“, што СМУМ ја доделува на уметници за исклучителен придонес во музичката уметност.
Влезот на сите концерти е слободен.