Моќни бури и обилни дождови предизвикаа вистинска катастрофа во Мексико – најмалку 47 лица загинаа, а 38 се водат како исчезнати, соопштија властите. Поплавите и свлечиштата оставија околу 260 градови, особено во планинските области, целосно отсечени од светот.

Десетици илјади домови се под вода, преполни со кал и наноси, а илјадници луѓе останаа без електрична енергија. Мексиканската претседателка Клаудија Шејнбаум се соочи со протести на жители за време на нејзината посета на поплавениот град Поца Рика во источната држава Веракруз.
„Знаеме дека луѓето се очајни и загрижени. Ќе се погрижиме за сите,“ порача претседателката во видео-обраќање, додека патишта, мостови и цели населби се уништени од силните реки и свлечишта.
Најпогодени држави и зголемен ризик од нови свлечишта
Метеоролозите предупредуваат дека дождовите не престануваат и дека ризикот од нови свлечишта расте, бидејќи земјата е веќе презаситена со вода. Најтешко погодени се државите Веракруз, Идалго, Пуебла, Керетаро и Сан Луис Потоси, каде што се уништени десетици илјади домови, училишта, клиники и патишта.
Најмногу жртви има во Веракруз и Идалго, а смртни случаи се потврдени и во Пуебла и Керетаро. Во Сан Луис Потоси, иако има голема материјална штета, нема човечки жртви.
Тигар загина во поплавите
Во државата Пуебла, бенгалски тигар побегнал од зоолошка градина во општината Шикотепек за време на поплавите, но подоцна е пронајден мртов, заробен под остатоците што ги носела водата, соопшти Агенцијата за заштита на животната средина (Profepa).
Според експертите, силните дождови се последица на тропските циклони Присцила и Рејмонд во Пацификот, како и на нестабилни временски појави во Мексиканскиот Залив.
Мексико се приближува кон крајот на својата шестмесечна дождовна сезона, која обично завршува на почетокот на ноември — но оваа година, природата повторно потсети колку е непредвидлива и сурова.