Австралиските тропски прашуми станале првите во светот што испуштаат повеќе јаглерод диоксид (CO₂) отколку што го апсорбираат, покажува ново истражување поврзано со последиците од климатските промени, пренесува BBC.
Прашумите традиционално се сметаат за „јаглеродни понори“ бидејќи впиваат повеќе емисии отколку што создаваат. Но, студијата спроведена во прашумите на австралиската држава Квинсленд открила дека екстремните температури предизвикуваат поголема смртност кај дрвјата отколку што има нов раст.
Главната авторка на истражувањето, д-р Хана Карл од Универзитетот Западен Сиднеј, вели дека овие наоди имаат сериозни последици за глобалните цели за намалување на емисиите, кои во голема мера се потпираат на способноста на екосистемите како прашумите да апсорбираат јаглерод.
„Сегашните модели веројатно ја преценуваат способноста на тропските шуми да ги компензираат емисиите од фосилни горива“, предупредува д-р Карл.
Според студијата објавена во списанието Nature, дрвјата што умираат — стеблата и гранките познати како дрвна биомаса — веќе околу 25 години не делуваат како јаглероден понор, туку како извор на емисии.
„Шумите играат клучна улога во ублажувањето на климатските промени, но нашето истражување покажува дека таа способност е сериозно загрозена“, вели Карл, додавајќи дека зголемената смртност на дрвјата е последица на топлотни бранови, суши и посилни циклони.
Анализа на податоци собрани во последните 49 години од 20 шуми во Квинсленд открила дека бројот и интензитетот на циклони значително пораснале, што доведува до поголемо уништување на шумите и потежок опоравок на екосистемите.
Старшиот автор на студијата, проф. Патрик Меир, изјавил дека резултатите се „многу загрижувачки“ и дека е веројатно сите тропски шуми на планетата да реагираат слично.
Австралија, една од најголемите загадувачи по глава на жител, неодамна најави нови цели за намалување на емисиите — најмалку 62% до 2035 година во однос на нивото од 2005 година. Сепак, земјата и понатаму е критикувана поради зависноста од фосилни горива и одлуката најголемото гасно постројка North West Shelf да продолжи со работа уште 40 години.
Минатомесечно извештај за климатските промени покажа дека Австралија веќе го надминала глобалното загревање од 1.5°C, а ниту една заедница не е поштедена од поврзаните климатски ризици.