Палестинското движење Хамас соопшти дека ќе го предаде телото на уште еден израелски заложник на Црвениот крст. Израелските власти потврдија дека предавањето е планирано по полноќ во сабота, во време кога двете страни разменуваат обвинувања за доцнење во процесот на враќање на телата, предвиден со договорот за примирје.
Израел досега примил девет од вкупно 28 тела на заложници кои се наоѓале во Појасот Газа. Од Хамас тврдат дека процесот е забавен поради „технички потешкотии“ и недостиг на тешка механизација потребна за ископување телата кои се под урнатини. Израел, пак, инсистира дека Хамас знае каде се наоѓаат телата и дека времето за исполнување на обврските истекува.
Во соопштение во петокот, вооруженото крило на Хамас информираше дека е пронајдено ново тело и дека ќе биде предадено во 23 часот по локално време. Израелски безбедносен извор потврди дека предавањето е закажано за 00:30 часот по израелско време.
Овој спор фрла сенка врз спроведувањето на договорот за примирје, кој е прва фаза од планот на американскиот претседател Доналд Трамп со 20 точки за завршување на војната меѓу Израел и Хамас.
Рано утрово, Хамас ги повика посредниците – Египет, Катар и Турција – да помогнат во продолжување на спроведувањето на договорените чекори, меѓу кои се повторното отворање на граничните премини, доставата на хуманитарна помош, почетокот на обновата и целосното повлекување на израелските сили од Газа.
Според договорот, борбите во Газа се речиси целосно запрени. Оваа недела, од територијата беа вратени 20 живи заложници, кои беа киднапирани на 7 октомври 2023 година за време на нападот на Хамас врз Израел.