Македонското судство функционира со само 65,41 отсто пополнети судиски места и со помалку од 38 отсто од предвидената судска служба, покажува Годишниот извештај за работата на Судскиот совет за 2025 година доставен до Собранието. Од вкупно 34 судови во државата, 18 се оценети како неажурни, додека Министерството за финансии трипати ги одбило плановите за нови вработувања во судската администрација.
Судскиот совет регистрира сериозен кадровски дефицит на сите нивоа во правосудството. Од систематизираните 639 судиски места во Македонија, на крајот од декември 2025 година биле пополнети 418 места. Според проценките на Советот, во основните судови итно се потребни 163 судии, од кои по 16 во Основниот кривичен суд Скопје и Основниот граѓански суд Скопје, 12 во Струга и по 11 во Битола, Прилеп и Куманово.
Во текот на 2025 година, Советот избрал 68 нови судии во основните судови од осмата генерација на Академијата за судии и јавни обвинители, како и 17 судии во повисоките судови – десет во Апелациониот суд Скопје, четири во Апелациониот суд Битола и тројца во Врховниот суд. Избрани се и десет нови претседатели на судови, меѓу кои и на Врховниот суд и на апелационите судови во Битола и Гостивар. Поради законските измени со кои се дозволи продолжување на работниот век со писмена изјава до 67-годишна возраст, 29 судии ја продолжиле функцијата по навршувањето на 64 години, додека шестмина заминале во старосна пензија.
Уште покритична е состојбата кај судската служба, каде од предвидените 4.751 работно место се пополнети само 1.803 места, односно 37,95 отсто. Вкупниот број на вработени во целата судска власт паднал од 2.480 на крајот од 2024 година на 2.281 лице на крајот од 2025 година. Во извештајот се наведува дека во 2025 година не е реализирано ниту едно ново вработување или унапредување во судската власт, освен десет преземања на службеници од други државни институции. Судскиот буџетски совет трипати доставувал Единствен годишен план за вработување до Министерството за финансии, но сите биле одбиени. Судовите се соочуваат со постојан одлив на информатичари поради ниските плати и преоптовареноста, а во пет судови – меѓу кои и Врховниот суд – нема ниту судски администратор.
Во однос на решавањето на предметите, судовите во 2025 година ја започнале работата со 134.729 нерешени предмети, примиле нови 540.122, а решиле 540.241 предмет. Иако вкупниот заостаток на државно ниво е намален за 119 предмети, статистиката покажува дека 18 судови не успеале да го совладаат приливот и добиле оценка неажурни. Меѓу неажурните се Врховниот суд, Управниот суд, Вишиот управен суд, апелационите судови во Скопје и Битола, Основниот граѓански суд Скопје, како и основните судови во Битола, Охрид, Прилеп, Струга и Тетово. Како ажурни се оценети 16 судови, предводени од Основниот кривичен суд Скопје, кој го намалил заостатокот за 3.565 предмети, и Основниот суд Куманово со намален заостаток од 2.879 предмети.
Во делот на дисциплинската одговорност, во текот на 2025 година биле поднесени 90 барања за утврдување одговорност кои опфатиле 161 судија. Од нив, 64 барања се отфрлени како ненавремени, нецелосни или неосновани, за 15 е запрена постапката, а за 11 постапката продолжува. Советот во минатата година разрешил двајца судии поради нестручно и несовесно вршење на функцијата – еден од Основниот суд Кавадарци и еден од Апелациониот суд Скопје. На тројца судии од Кривичниот суд Скопје, Основниот суд Струмица и Апелациониот суд Скопје им се изречени парични казни со намалување на платата од 15 до 30 отсто во траење од три до шест месеци. Граѓаните и правните лица поднеле вкупно 425 претставки за работата на судиите, од кои само 13 биле прифатени како основани.
Судскиот совет наведува дека ниту во 2025 година не е испочитувана законската обврска судскиот буџет да изнесува најмалку 0,8 отсто од бруто-домашниот производ. Конечно одобрениот буџет за судската власт изнесувал 2,94 милијарди денари, што е за над 32 милиони денари помалку од првично одобрените средства, при што речиси 80 отсто од парите се трошат за плати и надоместоци.
Самиот Судски совет ја започнал 2025 година со претседателот Александар Камбовски и 13 членови со право на глас, но во втората половина од годината им престанале мандатите на тројца членови избрани од Собранието – Миљазим Мустафа, Селим Адеми и Весна Дамева, со што телото годината ја завршило со десет членови.

