Граделе далновод, откриле траги од живот стари 40.000 години

фото: Александар Ѓуриќ

Археолози во западна Србија откриле 20 нови археолошки локалитети при истражување на теренот пред изградба на далновод. Меѓу најзначајните наоди се камени алатки стари околу 40.000 години, кои откриваат нови детали за присуството на праисториските луѓе на ова подрачје.

Откритијата се направени на територијата на Ваљево, Љиг и Мионица, долж планираната траса на далноводот Цветановац – Попучке. Истражувањето го спровел Заводот за заштита на спомениците на културата од Ваљево, пред почетокот на градежните активности.

Особено значајни се локалитетите откриени во селата Цветановац, Бошњановиќ, Дучиќ, Тодорин До, Горњи Мушиќ и Радобиќ, каде што се пронајдени кремени алатки изработени со таканаречената левалоаска техника, карактеристична за средниот палеолит.

Староста на овие предмети прелиминарно е проценета на околу 40.000 години. Наодите би можеле да придонесат за подобро разбирање на населувањето и движењето на праисториските заедници на просторот на денешна западна Србија.

Покрај праисториските остатоци, археолозите идентификувале и повеќе локалитети од античкиот период и средниот век, претежно во долините на реките Колубара и Кацапа.

Меѓу истражуваните места е и старата циглана во Радобиќ, користена при изградбата на црквата во Мионица во 1856 година. Локалитетот бил познат и претходно, но новите теренски истражувања овозможиле подетален увид во неговата структура.

Откритијата покажуваат дека подрачјето било населувано во различни историски периоди, од праисторијата до средниот век. Археолозите очекуваат понатамошните истражувања да донесат нови сознанија за животот на луѓето во овој дел од Балканот.

Рацин.мк ве прашува:

Кога очекувате комплетно завршување и пуштање во употреба на автопатиштата?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кога очекувате комплетно завршување и пуштање во употреба на автопатиштата?