Загадениот воздух поврзан со поголем ризик од глауком

Луѓето кои живеат во најзагадените средини имаат до 70 отсто поголеми изгледи да заболат од глауком во споредба со оние што дишат почист воздух, покажува нова анализа на 41 научна студија. Истражувачите откриле поврзаност и со катарактата, што укажува дека загадениот воздух може да го загрозува не само срцето и белите дробови, туку и видот.

Истражувањето, претставено на 44. конгрес на Европското здружение за хирургија на катаракта и рефрактивна хирургија во Лондон, опфатило податоци за милиони луѓе од Источна Азија и Велика Британија.

Најизразена поврзаност е утврдена кај ситните суспендирани честички ПМ2,5, кои се ослободуваат од сообраќајот, индустријата и согорувањето горива.

Според резултатите, лицата изложени на највисоки концентрации на ПМ2,5 имале 70 отсто поголеми изгледи за појава на глауком во споредба со најмалку изложените.

Анализата покажала и дека зголемувањето на изложеноста на овие честички, мерено според разликите во загадувањето опфатени со студиите, е поврзано со околу осум отсто поголеми изгледи за глауком и четири отсто поголем ризик од катаракта.

Глаукомот е заболување што го оштетува очниот нерв и може да доведе до трајно губење на видот. Катарактата, позната и како сива мрена, предизвикува заматување на очната леќа и постепено влошување на видот.

Овие заболувања најчесто се поврзуваат со стареењето, но новите резултати покажуваат дека значајна улога може да имаат и условите во животната средина.

Како загадувањето може да ги оштети очите?

Офталмологот Ахмед Алнабихи од Специјалистичката очна болница „Крал Халед“ во Саудиска Арабија, кој ги претставил резултатите, објаснува дека ситните честички можат да навлезат длабоко во организмот и да предизвикаат воспалителни процеси и оксидативен стрес.

Со текот на времето, овие процеси би можеле да ги оштетат нервните клетки во мрежницата и очниот нерв, а со тоа да придонесат за развој на глауком.

Кај катарактата, воспалението и оксидативниот стрес можат да влијаат врз протеините што ја одржуваат очната леќа проѕирна.

Научниците посочуваат дека очите се особено изложени на влијанијата од околината, бидејќи нивната површина е во непосреден контакт со надворешниот воздух.

Дополнителни истражувања врз животни и лабораториски одгледувани човечки клетки покажале дека честичките ПМ2,5 можат да предизвикаат промени во очните ткива, вклучително и оштетување на клетките на мрежницата.

Во големо истражување со податоци за повеќе од 480.000 лица од британската биобанка, исто така била забележана поврзаност меѓу повисоката изложеност на ПМ2,5 и зачестеноста на глаукомот.

Сепак, научниците предупредуваат дека резултатите не докажуваат директна причинско-последична врска. Анализата се заснова на набљудувачки студии, кои можат да покажат поврзаност, но не и со сигурност да утврдат дека загадувањето ги предизвикува овие болести.

Истражувањето отвора дополнително прашање за здравствените последици од загадувањето во земји како Македонија, каде што изложеноста на суспендирани честички е долгогодишен јавно-здравствен проблем.

Научниците оценуваат дека заштитата на квалитетот на воздухот треба да се разгледува и како дел од превенцијата на очните заболувања, покрај веќе познатите ризици за респираторниот и кардиоваскуларниот систем.

Рацин.мк ве прашува:

Кога очекувате комплетно завршување и пуштање во употреба на автопатиштата?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кога очекувате комплетно завршување и пуштање во употреба на автопатиштата?