Боговиње меѓу петте наградени општини за младинско учество

Општина Боговиње доби регионално признание за развивање партнерства и вклучување на младите во локалните политики, на форумот за млади, мир и безбедност што се одржува во Скопје. На настанот учествуваат повеќе од 100 градоначалници, млади лидери, активисти и претставници на институции и меѓународни организации од регионот.

Покрај Боговиње, признанија добија Ѓирокастро од Албанија за придонес кон побезбедни заедници, Липјан од Косово за градење мир, Тузла од Босна и Херцеговина за создавање инклузивна иднина и Обреновац од Србија за зајакнување на гласот на младите.

Главната порака на форумот е дека младите треба директно да учествуваат во носењето локални одлуки, наместо нивната улога да се ограничува на повремени консултации. За тоа, според учесниците, се потребни функционални младински совети, поголема финансиска поддршка и конкретни механизми за влијание врз општинските политики.

Градоначалникот на Скопје и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, предупреди дека иселувањето на младите останува еден од најголемите предизвици за Македонија и регионот.

„Ако сакаме младите иднината да ја гледаат во својата држава, мора низ целата земја да создадеме еднакви услови и можности за квалитетно образование, култура, спорт, вработување, домување, формирање семејство“, изјави Ѓорѓиевски.

Министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, истакна дека Македонија веќе има законска рамка за младинско учество, но дека нејзината примена на локално ниво останува предизвик.

Според него, младинските совети, службениците за млади и локалните стратегии мора да бидат поддржани со конкретни активности и соодветни буџетски средства.

На форумот беше посочено дека во регионот живеат околу 3,6 милиони млади луѓе, што претставува приближно една петтина од населението.

Постојаниот претставник на УНДП, Армен Григорјан, соопшти дека организацијата досега поддржала обука на повеќе од 40 службеници за млади, пет локални младински совети и десет иницијативи предводени од млади луѓе.

„Младите имаат идеи, енергија и искрена желба да направат позитивни промени. Она што често им недостасува е некој да ги слушне, да ги сфати сериозно и да им даде можност да делуваат“, рече Григорјан.

Постојаната координаторка на Обединетите нации, Рита Колумбија, порача дека одржливоста на младинските политики зависи од конкретните буџетски издвојувања и активностите на централните и локалните власти.

Извршниот директор на НАЛАС, Келменд Зајази, истакна дека петте наградени општини треба да послужат како примери за останатите локални самоуправи во регионот.

Форумот, кој се одржува на 21 и 22 октомври, го организира Мрежата на асоцијации на локални власти на Југоисточна Европа – НАЛАС, во рамки на проектот „Млади за инклузија, еднаквост и доверба“. Проектот се спроведува преку агенциите на Обединетите нации, со поддршка од Фондот за градење мир на ОН.

Рацин.мк ве прашува:

Кога очекувате комплетно завршување и пуштање во употреба на автопатиштата?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кога очекувате комплетно завршување и пуштање во употреба на автопатиштата?