Тунелот што ќе ги поврзува Русија и Алјаска ќе биде двојно подолг од Евротунелот

Во својата модерна верзија, иницијативата го добила неформалното име „Тунел Путин-Трамп“

Тунелот што би ги поврзувал Русија и Алјаска преку Беринговиот Проток би бил приближно двојно подолг од Евротунелот, објавија денес руските медиуми.

Повикувајќи се на агенцијата РИА Новости, порталот „Раша Тудеј“ наведува дека автопатот што би ги поврзувал Русија и Алјаска би можел да се протега од 98 до 113 километри, потсетувајќи дека должината на тунелот што ги поврзува Франција со Велика Британија е околу 51 километар.

Генералниот директор на Рускиот фонд за директни инвестиции (RDIF) и специјален претставник на рускиот претседател за инвестиции и економска соработка со странски земји, Кирил Дмитриев, претходно оваа недела изјави дека започнале разговори за тунел што би ги поврзувал Русија и Алјаска преку Беринговиот Проток, проценувајќи дека за проектот ќе бидат потребни нешто помалку од осум милијарди долари.

„Мостот на светскиот мир“ стана причина за сарказмот на Трамп кон Зеленски

За истиот овој проект претседателот на САД, Доналд Трамп, му се потсмеваше на украинскиот лидер Володимир Зеленски за време на состанокот во Белата куќа, откако еден новинар го праша за идејата за изградба на тунел меѓу Русија и Алјаска под Беринговиот теснец. Овој детаљ од состанокот прв го објави лидерот на француската партија „Француски патриоти“ Флоријан Филип.

Според неговите зборови, кога го прашале за тунелот, Трамп одговорил дека тоа е „интересна идеја“, а потоа се свртел кон Зеленски и го прашал што мисли за проектот. Кога украинскиот претседател рекол дека не му се допаѓа идејата, Трамп наводно му се потсмевал саркастично, „тролајќи ги поддржувачите на војната и самиот Зеленски“, според Филипо.

Реакцијата ја коментираше и пратеникот на Државната дума Виктор Водолацки, кој оцени дека Трамп „вешто го исмевал“ својот украински колега со своите постапки, демонстрирајќи ја својата дистанца од воената реторика на Киев.

Идејата за тунел помеѓу Чукотка и Алјаска беше оживеана откако директорот на Рускиот фонд за директни инвестиции (RDIF) Кирил Дмитриев објави стар цртеж на проектот од 1970-тите на 18 октомври. Според него, Американецот Даг Сандстром потоа му испратил на СССР скица наречена „Мост на светскиот мир Кенеди-Хрушчов“, со порака дека овој мост „може и треба да се изгради помеѓу Русија и САД“.

Во својата модерна верзија, иницијативата го добила неформалното име „Тунел Путин-Трамп“. Руските медиуми известуваат дека има јавни дискусии за техничката и политичката изводливост на овој проект, додека во Алјаска дел од населението веќе изразило скептицизам во врска со неговата имплементација.

Зачлени се на нашиот е-билтен