Синуситис е воспаление на слузницата на параназалните шуплини (синуси) и најчесто ги погодува максимиларните (вилични) и етмоидните синуси, додека фронталните и сфеноидните се поретко погодени. Воспалението може да биде акутно или хронично, а може да опфати еден (моносинуситис), повеќе (полисинуситис) или сите синуси (пансинуситис).
Причини за синуситис
Синуситисот може да настане поради:
- Инфекции: вируси, бактерии или габи.
- Алергиски реакции: предизвикуваат оток на слузницата.
- Травми: директни повреди или инфекции на хематоми во синусите.
- Баротрауми: нагли промени на воздушниот притисок.
- Контаминирана вода: кaпeње во реки, езера, базени или море.
Најчести бактерии кои предизвикуваат синуситис се: Streptococcus pneumoniae, Haemophilus influenzae, Staphylococcus aureus, Escherichia coli.
Фактори на ризик
Локални фактори кои го отежнуваат одводот на синусите: девијација на носната преграда, оток на носните конхи, мали отвори на синусите, полипи, аденоидни ткива, туѓ тела, тумори.
Општи фактори: слаб имунитет, замор, изложеност на ладен, сув или влажен воздух.
Инфекцијата најчесто се шири преку носот (риногено), но може да се прошири и од корените на горните заби (дентоген пат).
Симптоми
Локални симптоми:
- Болка и притисок во синусите
- Запушен нос
- Назална секреција, понекогаш со крв
Општи симптоми:
- Повишена температура
- Главоболка
- Малаксаност и губење на апетит
Хроничниот синуситис обично не предизвикува силни симптоми, но може да доведе до долготрајна запушеност на носот, пореметување на мирисот и главоболки.
Компликации
Синуситисот може да предизвика сериозни егзокранијални и ендокранијални компликации:
- Егзокранијални: оток на очните капаци, орбитален апсцес, воспаление на коските на лицето, полипи на носот и синусите, инфекција на средното уво.
- Ендокранијални: менингитис, епидурален или субдурал апсцес, церебрален апсцес, тромбофлебитис на вените на мозокот.
Лекување
Конзервативно лекување (за некомплициран синуситис):
- Антибиотици (според видот на бактерии)
- Вазоконстрикторни капки за нос
- Симптоматски лекови: аналгетици, витамини, инхалации
Хируршко лекување се препорачува кога конзервативната терапија не дава резултати или кога постојат сериозни компликации. Се изведува класична или ендоскопска операција на синусите.