По кратко боледување, на 65-годишна возраст почина Коста Јаневски – филмски работник и еден од сопствениците и основачите на радио „Антена 5“. Со децении беше тивката сила зад пултовите и антените: учествуваше во основањето, техничкиот развој и креирањето на програмата, а од 1994 година ја извршуваше функцијата технички директор на радиото.
Јаневски ја започна кариерата во осумдесеттите, како монтажер на тон и тон-снимател, дипломиран од Електротехничкиот факултет. Работеше во Друштвото на филмските работници на Македонија и во „Вардар филм“, а потоа остави трага и во радио-индустријата. Неговата техничка и програмска рака стоеше зад преносите на големи домашни и меѓународни музички и културни настани – од Британските музички награди и MTV ЕМА, до „Таксират“, „Егзит“, „Д фестивал“ во Дојран и фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“.
Пред „Антена 5“ беше дел од Радио Микс на Радио УНО и од проектот „Радиотоп-листа на Македонија“. Членуваше во Друштвото на филмските работници и во Здружението на тонските сниматели на Македонија. Погребот ќе се одржи во вторник, во 11:30 часот, на Градските гробишта „Бутел“ во Скопје.
