Во Парискиот кривичен суд денес продолжи судењето против десет лица обвинети за сексистичко и клеветничко сајбер вознемирување на првата дама на Франција, Брижит Макрон. Случајот, кој предизвика големо внимание во јавноста, се однесува на ширење лажни информации дека сопругата на претседателот Емануел Макрон е всушност родена како маж.
На обвинителната клупа седат осум мажи и две жени, меѓу кои и Делфин Ж., позната под псевдонимот Амандин Роа – самопрогласен медиум и новинар која одиграла клучна улога во ширењето на оваа дезинформација. Таа се брани со молчење.
Во емоционално сведочење, Тифен Озије, ќерката на Брижит Макрон, изрази длабоко жалење поради последиците што гласините ги оставиле врз нејзината мајка.
„Сопругата на шефот на државата мора да биде внимателна со секоја облека, секој став, затоа што знае дека нејзиниот лик постојано може да биде злоупотребен,“ изјави таа пред судот, додавајќи дека здравствената состојба на нејзината мајка се влошила поради долгогодишното изложување на онлајн омраза.
Брижит Макрон, која не беше присутна на рочиштето, на истражителите изјавила дека гласините имале „многу силно влијание“ врз неа и нејзината околина, а нејзините внуци дури слушнале дека ’нивната баба е маж‘.
Случајот следи само пет месеци по тоа што брачната двојка Макрон поднесе тужба за клевета во САД, каде што американската конзервативна инфлуенсерка Кендис Овенс повторно ја пласираше истата лажна теорија.
Обвинетите на социјалните мрежи објавувале навредливи и сексуално деградирачки коментари за Брижит Макрон, а некои дури ја обвинуваа за „педофилија“ поради големата возрасна разлика меѓу неа и претседателот.
Овој процес, кој доаѓа во време на засилена борба против онлајн насилството во Франција, има за цел да испрати порака дека сексистичкото вознемирување претставува кривично дело – без оглед на јавниот статус на жртвата.
