Израелскиот министер за одбрана Израел Кац порача дека Хамас ќе плати „висока цена“ за нападот врз израелските војници во јужниот дел на Газа и за кршењето на договорот со кој требаше да се вратат телата на преостанатите загинати заложници.
„Нападот на терористичката организација Хамас врз војниците на ИДФ (Израелските одбранбени сили) во Газа денеска преминува очигледна црвена линија на која ИДФ ќе одговори со голема сила. Хамас повеќекратно ќе плати за нападот врз војниците и за кршењето на договорот за враќање на загинатите заложници“, нагласи Кац.
Претходно денеска, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ѝ нареди на армијата да изведе силни напади во Појасот Газа, откако ја обвини организацијата Хамас дека го прекршила примирјето постигнато со посредство на САД.
„По безбедносни консултации, премиерот Нетанјаху им нареди на воените сили веднаш да нанесат силни удари во Појасот Газа“, се наведува во соопштение од неговиот кабинет.
Военото крило на Хамас објави дека го одложува враќањето на телото на заложникот што беше закажано за вечерва во 20 часот. Во своето соопштение, Хамас наведува дека овој потег е одговор на „кршењето на договорот за прекин на огнот од страна на окупаторот“. Претходно, Хамас најави дека денеска ќе го предаде телото на заложник извлечен од еден од тунелите.
Поминаа речиси три седмици откако Израел и Хамас се согласија на првата фаза од договорот за прекин на огнот. Планот предвидуваше ослободување на сите преостанати заложници кои ги држи милитантната група и повлекување на израелските сили од дел на Газа.
Сепак, прекинот на огнот се покажа како кревок. Израел започна воздушни напади врз Газа, додека Хамас сè уште не ги вратил сите посмртни останки на починатите заложници, наведувајќи потешкотии со нивното лоцирање.
Во меѓувреме, израелските медиуми пишуваат дека израелскиот премиер одлучил да ја прошири територијата под контрола на ИДФ во Појасот Газа по повторените прекршувања на договорот од страна на Хамас. Кабинетот на премиерот одбива да ги коментира овие извештаи, а според јавната телевизија „Кан“, Нетанјаху разговара со високи американски функционери за да го координира тој потег.
