Американскиот претседател Доналд Трамп повторно изјави дека САД ќе продолжат со тестирања на нуклеарно оружје, но не потврди дали тоа ќе вклучи традиционални подземни тестови, какви што беа вообичаени за време на Студената војна.
„Ќе дознаете многу брзо, но ќе спроведеме одредени тестирања,“ изјави Трамп во авионот Air Force One додека патуваше кон Палм Бич, одговарајќи на новинарско прашање за можните подземни тестови.
Само ден претходно, Трамп најави дека ѝ наредил на американската армија повторно да го започне процесот на нуклеарни тестирања по пауза од 33 години, што се толкува како јасен сигнал до Кина и Русија, најголемите нуклеарни ривали на САД.
„Другите земји го прават тоа. Ако тие го прават, ќе го правиме и ние, во ред?“ напиша Трамп на својата платформа Truth Social, додека летал со хеликоптерот Marine One на состанок со кинескиот претседател Си Џинпинг во Пусан, Јужна Кореја.
Сѐ уште не е познато дали претседателот мислел на експлозивни нуклеарни тестови, какви што би можела да ги спроведува Националната управа за нуклеарна безбедност, или на тестирања на летови на ракети кои можат да носат нуклеарни боеви глави.
Во последните 25 години, ниедна нуклеарна сила освен Северна Кореја во 2017 година не спровела тестирање на нуклеарна експлозија, што ја прави оваа изјава на Трамп особено контроверзна.
Последниот подземен нуклеарен тест на САД беше извршен во Невада во 1992 година, по што беше воведен мораториум на вакви тестирања. Одлуката на Трамп да го „врати процесот“ ја вознемири меѓународната заедница, бидејќи може да ја поткопа Договорот за сеопфатна забрана на нуклеарни тестови (CTBT) и да предизвика нова трка во вооружување.

