Мицкоски: Очекувам убедлива победа на ВМРО-ДПМНЕ и обновено Скопје

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер на државата, Христијан Мицкоски, по остварувањето на своето гласачко право во вториот круг од локалните избори, изјави дека очекува коалицијата предводена од неговата партија да постигне убедлива победа.

„Јасен е концептот што го нуди коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, како и разликата во однос на нашите политички противници. Благодарност до сите граѓани кои во првиот круг во голем број ја дадоа својата доверба на нашите кандидати за градоначалници и советници“, рече Мицкоски.

Тој додаде дека овие локални избори, според него, ќе претставуваат продолжение на започнатиот процес на реформи и развој на Македонија, кој, како што истакна, ќе се интензивира во следните години.

Одговарајќи на новинарско прашање што, како скопјанец, му недостига во главниот град, Мицкоски посочи дека сака Скопје повторно да го добие изгледот и духот што го имало во неговата младост.

„Очекувам да го имаме она Скопје на кое се сеќавам од моите средношколски денови. Верувам дека новиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, ќе донесе видливи промени уште во првите денови и месеци. Тој има моја поддршка, како и поддршка од Владата и мнозинството советници. Убеден сум дека тоа Скопје ќе го видиме многу скоро“, изјави Мицкоски.

Зачлени се на нашиот е-билтен