ВМРО-ДПМНЕ: Изборите беа мирни и фер – Македонија ја докажа својата демократска зрелост

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, вечерва на прес-конференција по завршувањето на гласањето изјави дека Македонија уште еднаш демонстрирала зрелост, достоинство и демократска свест, оценувајќи дека овие избори биле најмирни и најфер по подолго време.

„Со гордост можеме да кажеме дека Македонија покажа зрелост и достоинство. Денеска нашата држава помина низ мирни, фер и демократски избори кои се гордост за секој наш граѓанин,“ рече Манасиевски.

Тој им се заблагодари на сите граѓани кои излегле на гласање и ја покажале својата доверба и одлучност, додавајќи дека извештаите од терен потврдуваат дека изборниот ден минал во мирна и достоинствена атмосфера.

„Ова е доказ дека Македонија може да спроведе избори по највисоки демократски стандарди. Очекуваме одличен резултат и голема победа на ВМРО-ДПМНЕ,“ истакна Манасиевски.

Портпаролот нагласи дека партијата е подготвена веднаш да продолжи со работа:
„Граѓаните очекуваат резултати и решенија. Ние таа доверба нема да ја изневериме. Од утре почнуваме со уште поголема посветеност и одговорност.“

На новинарско прашање за помалата излезност во Сарај и Чаир, Манасиевски рече дека гласањето е индивидуална одлука и дека секој граѓанин има право да го изрази својот став.
„Ние како ВМРО-ДПМНЕ ќе работиме за надминување на партиските и етничките поделби, за заедништво и заедничка држава,“ додаде тој.

Во однос на очекувањата за освоени општини, Манасиевски изјави дека партијата очекува победа во сите општини каде што има свои кандидати, вклучително и во Скопје, каде што очекуваат убедлива победа.

Тој ги отфрли тврдењата за нерегуларности, истакнувајќи дека изборите биле фер и демократски, со што, како што рече, „по долго време Македонија навистина имаше европски избори“.

Зачлени се на нашиот е-билтен