Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Кичево, Александар Јовановски, е во водство пред кандидатот на ДУИ, Фатмир Дехари, покажуваат најновите податоци од пребројувањето на гласовите.
Според досега обработените 66 отсто од избирачките места, Јовановски има освоено 10.126 гласови, додека Дехари 7.359. Разликата меѓу двајцата кандидати останува мала, а изборната трка се оценува како една од најнеизвесните во вториот круг.
И покрај организираните чартер летови со иселеници кои пристигнаа во земјава за да го поддржат кандидатот на ДУИ, победата на Дехари засега не е извесна.
Од ВМРО-ДПМНЕ соопштија дека партијата веќе има јасна победа во Кочани, дека во Кичево има тесно, но стабилно водство, додека во Брвеница победата се смета за сигурна. Во Долнени, како што информираат од партијата, нивниот кандидат има позитивен тренд и е на добар пат да ја врати општината што претходно ја водеше кадар на ДУИ.
Резултатите од Кичево се очекува да бидат потврдени по пребројувањето на сите гласачки места, но засега исходот останува неизвесен.

