Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на општина Карпош, Сотир Лукровски, вечерва прогласи победа на локалните избори.
Во објава на својата официјална страница на Фејсбук, Лукровски се заблагодари на граѓаните за поддршката, нагласувајќи дека оваа победа не е негова лична, туку победа на сите жители на Карпош кои, како што рече, „не се откажале од својот град“.
„Драги мои карпошани, вечерва зборувам со срце полно гордост и благодарност. Не се борев за функција, туку за доверба — за секој човек кој веруваше дека чесноста, трудот и вистината повторно можат да победат. Денес не победувам јас, победува Карпош,“ напиша Лукровски.
Тој истакна дека граѓаните се заситиле од неправда, урбан хаос и уништување на зеленилото, додавајќи дека започнува „ново поглавје“ во управувањето со општината.
„Вечерва започнуваме време на ред, визија и работа. Време кога општината ќе биде сервис за граѓаните, а не алатка за лични интереси. Време кога ќе се слуша секој глас и ќе се гледа секое дело,“ порача Лукровски во пораката до своите сограѓани.

