Партијата Левица изрази задоволство од излезноста на гласачите во урбаните општини во Скопје, оценувајќи дека изборниот ден поминал мирно и без сериозни нарушувања. Исклучок, според партијата, претставуваат Чаир и Сарај, каде што имало мала излезеност и наводи за поткуп со цел дел од граѓаните да не излезат на гласање.
На вечерната прес-конференција, портпаролот на Левица, Круме Богевски, изјави дека партијата е задоволна од текот на изборниот процес и дека првпат нивен кандидат учествувал во трката за градоначалник на Град Скопје.
„Задоволни сме од излезноста во урбаните средини. Исклучок се општините Чаир и Сарај, каде што имаме индиции за поткуп и обиди за демотивирање на гласачите, што претставува сериозно нарушување на изборното право,“ рече Богевски.
Тој посочи дека дел од уредите за електронска идентификација не функционирале правилно, поради што дел од гласачите биле идентификувани на класичен начин со УВ ламби.
Богевски додаде дека според податоците од нивните набљудувачи, резултатите се сè уште неизвесни, но во Карпош и Центар нивниот кандидат Амар Мециновиќ има водство, а делумна предност е забележана и во Кисела Вода.
„Во голем број избирачки места има мртва трка меѓу нашиот кандидат и кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски. Но таму каде што водиме, тоа е доказ дека граѓаните ја препознаваат нашата работа и визија,“ истакна Богевски.

