Во септември 2025 година, стапката на невработеност во еврозоната, пресметана според методологијата на Меѓународната организација на трудот (ILO), изнесувала 6,3 проценти — исто како и во претходните два месеца, покажуваат најновите податоци на Евростат.
На ниво на Европската унија, невработеноста останала стабилна на 6 проценти, што е непроменето во однос на август, според ревидираните податоци на европската статистичка служба.
Истата стапка од 6,3 проценти била забележана во еврозоната и во септември минатата година, додека во целата ЕУ тогаш изнесувала 5,9 проценти.
Според проценките на Евростат, во септември оваа година без работа биле околу 13,25 милиони граѓани на Европската унија, од кои повеќе од 11 милиони живеат во земјите од еврозоната.
Шпанија и натаму е единствената членка на Унијата со двоцифрена стапка на невработеност — 10,5 проценти. По неа следуваат Финска со 9,8 и Шведска со 8,7 проценти.
Најниска невработеност се бележи во Чешка и Малта, каде што стапките изнесуваат по 3 проценти, додека во Словенија и Полска тие се 3,1, односно 3,2 проценти.
				
				
															