Дијана Хрка, мајката на Стефан кој загина при пад на настрешница, го продолжи штрајкот со глад во Таковска улица, десно од зградата на Парламентот во Белград. Со неа се и граѓани кои ѝ даваат поддршка, а полицијата и натаму го обезбедува просторот наречен Чациленд. За разлика од претходната ноќ, денот поминува мирно.
Во текот на ноќта меѓу неделата и понеделникот биле приведени 37 лица. Меѓу уапсените е и поранешниот кошаркар Владимир Штимац, кому прво му била уважена жалбата за ослободување, но потоа повторно му било одредено 48-часовно полициско задржување.
Граѓаните нешто пред 14 часот се собрале пред зградата на Полициската управа „29. ноември“ за да им дадат поддршка на сите кои биле приведени претходната вечер.
Во неделата навечер ситуацијата пред Собранието била напната, бидејќи наспроти групата што ѝ дава поддршка на Дијана Хрка, се појавила и група која ја поддржува власта и го пополнила Чациленд, со присуство и поддршка од полицијата. Наспроти болката на една мајка, пуштале патриотски песни и оро, а во еден момент имало и употреба на пиротехника.
Според Министерството за внатрешни работи и Безбедносно-информативната агенција, пиротехниката ја фрлале демонстрантите, но видеоснимки покажуваат дека дел од неа доаѓала и од правецот на Пионирскиот парк.
Подсетуваме, Дијана Хрка, мајката на Стефан — една од жртвите во трагедијата со уривањето на настрешницата — го започна штрајкот со глад во неделата во 11:52 часот. Не ѝ беше дозволен пристап до просторот пред Собранието, па граѓаните постепено се собираа за да ѝ дадат поддршка.
Кога просторот наречен Чациленд се наполнил, пристигнала и полицијата за разбијање демонстрации, која зазела позиција меѓу двете групи, но со штитовите свртени кон поддржувачите на Хрка, што предизвикало незадоволство.
Во меѓувреме, на провладини медиуми се појавиле изјави на претседателот Александар Вучиќ, неговата советничка Сузана Васиљевиќ и министерот за здравство Златибор Лончар, кои го омаловажиле комеморативниот собир од саботата, нарекувајќи го „дебакл“, а Вучиќ ги нарекол поддржувачите на Хрка „кукавици“.
				
				
															