Новоизбраната претседателка на Танзанија, Самија Сулуху Хасан, денеска положи заклетва и порача дека ќе го реши прашањето со смртоносните протести поттикнати од спорните избори одржани минатата недела.
Хасан (65), една од само двете жени кои се на чело на држави во Африка, заклетвата ја положи на полигонот за воена парада во рамки на зградата на владата во Додома.
„Животот мора да продолжи“, изјави таа во говорот пред високи функционери меѓу кои беа претседателите на Сомалија, Бурунди, Мозамбик и Замбија.
Протестите ги оцени како насилнички и деструктивни.
„Наша должност е да се погрижиме нашето денес да биде подобро од нашето вчера. Ве молам да продолжиме да ги штитиме нашите вредности кои го сочинуваат заедништвото и соработката“, истакна Хасан.
Нејзините противници тврдат дека гласањето на минатонеделните избори било наместено и оти стотици луѓе загинале во протестите поврзани со тоа, но владата таа бројка ја отфрли како претерана.
Хасан, која дојде на власт во 2021 година по смртта на нејзиниот претходник, беше прогласена за победник на минатонеделните избори, со речиси 98 отсто освоени гласови, а нејзините два главни противника беа дисквалификувани.
Канцеларијата за човекови права на Обединетите нации наведува дека веродостојни извештаи укажуваат на тоа дека најмалку 10 луѓе загинале во протестите што избувнаа за време на минатонеделното гласање.
Владата таквите наводи на опозицијата ги отфрли како „многу претерани“, а одговорот на безбедносните сили го опиша како разумен и неопходен.
Хасан призна дека животи се изгубени при насилството, не наведувајќи точен број.
Најголемата опозициска партија ЧАДЕМА, која беше исклучена од изборите поради тоа што одби да потпише кодекс на однесување и чиј претседател беше уапсен во април врз основа на обвиненија за велепредавство, тврди дека резултатите од изборите се измислени, додека владата, од друга страна, наведува дека изборниот процес бил фер и транспарентен.
Откако дојде на местото на својот претходник во 2021 година, Хасан за време на претходниот мандат доби пофалби за ублажување на репресиите на владата, но во последно време се соочуваше со критики од страна на опозицијата и активистите по серијата апсења и наводни киднапирања на нејзините противници.
Минатата година изјави дека наредила истрага во врска со извештаите за киднапирања, но сè уште не се објавени никакви официјални резултати од таквите истраги.
				
				
															