Евростат: Сиромаштијата во Европската Унија повеќе не е проблем само на невработените

Алармантни податоци на Евростат за минатата година. Сиромаштијата во Европската Унија повеќе не е проблем само на невработените

Ризикот од сиромаштија ги погодува и оние кои работат со полно работно време, особено во земјите со високи трошоци за живот и изразени социјални разлики.

Според најновиот извештај „Клучни бројки за европските услови за живот 2025“, објавен од Европската комисија, дури 8,2 проценти од вработените граѓани на ЕУ во 2024 година биле изложени на ризик од сиромаштија, и покрај тоа што имале работа.

Овие податоци јасно покажуваат дека стабилната работа повеќе не значи финансиска сигурност. Ризикот од сиромаштија ги погодува и оние кои работат со полно работно време, особено во земјите со високи трошоци за живот и изразени социјални разлики.

Жените се во малку подобра позиција од мажите – 7,3 проценти од вработените жени во ЕУ биле изложени на ризик од сиромаштија, додека кај мажите тој процент бил 9,0 проценти. Сепак, во дури 22 земји од ЕУ, мажите се почесто погодени од сиромаштија отколку жените. Најголемата разлика е забележана во Романија, каде што јазот меѓу половите е дури 8,1 процентен поен.

Највисок процент на вработени кои живеат во ризик од сиромаштија има во Луксембург (13,4 проценти), земја позната по својот висок стандард, но и по високите трошоци за живот. Од друга страна, најмалку ранливи работници се во Финска (2,8 проценти), каде што социјалната политика и прогресивните даноци очигледно даваат резултати.

Во Германија, стапката на ризик од сиромаштија кај вработените е иста за двата пола, додека во Чешка, Латвија, Кипар и Луксембург, жените се почесто изложени на овој ризик од мажите.

Во извештајот се истакнува дека економската нееднаквост, ниската продуктивност и зголемените трошоци за живот создаваат нова класа работници кои, иако се вработени, живеат во финансиска неизвесност.

Зачлени се на нашиот е-билтен