Со свечена седница, културна програма и врачување на општинските награди „3 Ноември“, градот Прилеп го одбележа најсветлиот ден од својата историја – 81 година од ослободувањето на градот.
Во своето обраќање, градоначалникот на Прилеп истакна дека 3 ноември не е само датум од календарот, туку темел на идентитетот на градот и симбол на храброста и пожртвуваноста на генерации прилепчани, кои ја извојувале слободата во 1944 година.
„Изразувам длабока благодарност кон сите борци на 41-та и 42-та дивизија, партизаните, илегалците, мајките што ги криеле своите синови и сите граѓани што верувале во сонот за слободен Прилеп и слободна Македонија“, рече градоначалникот, нагласувајќи дека денешната генерација има должност да го продолжи нивниот пат.
На свеченоста во НУЦК „Марко Цепенков“ беа врачени општинските награди „3 Ноември“, со кои се оддава признание на личности и институции што со својата работа го продолжуваат патот на хероите. Особено беше истакната благодарноста кон добитниците на наградите за животно дело – академик Рубенс Корубин и Јове Магдески (постхумно), кои со своето творештво и посветеност оставија длабока трага во културниот и општествениот живот на градот.
Градоначалникот во својот говор ја истакна и потребата од создавање подобри услови за младите, за тие да ја градат својата иднина во Прилеп, потенцирајќи дека најголемиот предизвик денес не е надворешен непријател, туку апатијата и иселувањето.
Меѓу приоритетните проекти ги посочи развојот на индустриските зони „Прилеп 4“ и „Прилеп 5“, решавањето на проблемот со Градската река, изградбата на нова градинка во населбата „Рид“, создавањето на нови зелени површини и модерна инфраструктура која ќе го поврзе градот со остатокот од земјата.
„Нашата борба денес е борба за достоинствен живот, економски развој и иднина достојна за наследството што го носиме. Да го чуваме аманетот на нашите херои со чесност, работа и обединување“, порача градоначалникот.
Свеченоста заврши со пораката:
„Нека е честит и вековит 3 ноември – Денот на ослободувањето на Прилеп! Вечна слава на хероите! Да живее Прилеп, да живее Македонија!“

