Американскиот претседател Доналд Трамп денеска ги повика Евреите од Њујорк да гласаат против Зохран Мамдани, кандидатот на екстремното левичарско крило на Демократската партија, на изборите за градоначалник на градот.
„Секој Евреин што гласа за Зохран Мамдани, докажан и самопрогласен мразител на Евреи, е глупав човек“, напиша американскиот претседател на својата платформа Truth Social.
Зохран Мамдани, 34-годишен муслимански демократски социјалист роден во Уганда, е поддржувач на палестинската кауза, а неговите ставови за Израел и војната во Газа се дочекани со непријателство во делови од еврејската заедница во Њујорк.
Син на индиски режисер и угандански политичар, уште од студентските денови ја поддржува кампањата за бојкот, прекин на инвестициите и санкции против Израел.
Во обид да ја смири јавноста, тој постојано зазема силен став против антисемитизмот во последните месеци.
Њујорк е град со најголемо еврејско население надвор од Израел.
Се очекува жителите на Њујорк денеска да го изберат левичарот Мамдани за градоначалник, отворајќи нов фронт против американскиот претседател Доналд Трамп и зголемувајќи стравувања дека претседателот ќе се одмазди на градот каде што се прослави, коментираат светските медиуми.
Трамп вчера се закани дека ќе го укине федералното финансирање за градот Њујорк ако демократот Мамдани победи на изборите за градоначалник.
На својата платформа Truth Social, Трамп го нарече 34-годишниот кандидат „комунист“ кој ќе го остави градот со „нула шанси за успех, па дури и преживување“.
Зад 34-годишниот Мамдани, кој е прв според анкетите, е поранешниот гувернер на државата Ендрју Куомо кој е поддржан од Трамп како „помало зло“.

