Алгоритмот на Facebook обвинет за родова дискриминација во Франција

Францускиот регулатор за еднаквост Défenseur des Droits утврди дека алгоритмот на Facebook за прикажување на огласи за работа врши индиректна дискриминација врз основа на пол. Истражувањето покажа дека огласите за механичари најчесто им се прикажуваат на мажи, додека оние за воспитувачки во градинка на жени, објави The Guardian.

Во своето решение, регулаторот констатира дека системот за насочено рекламирање „ги третира корисниците на Facebook различно според нивниот пол и на тој начин претставува индиректна дискриминација“.

Истражувањето било спроведено од невладината организација Global Witness во соработка со француските организации за женски права La Fondation des Femmes и Femmes Ingénieurs, кои и поднеле официјална жалба до регулаторот.

Според податоците, во Франција девет од десет лица кои добиле оглас за механичари биле мажи, додека ист процент од огласите за воспитувачки биле насочени кон жени. Осум од десет огласи за психолози ги виделе жени, а седум од десет за пилоти мажи.

Преседан за Европа

Ова е првпат европски регулатор да утврди дека алгоритам на социјална мрежа дискриминира според пол, што претставува значаен правен преседан.

„Одлуката испраќа силна порака до сите дигитални платформи: ќе бидат одговорни за вакви пристрасности,“ изјави адвокатката Жозефин Шефет, претставник на тужителите.

Meta, матичната компанија на Facebook, ја отфрли одлуката: „Не се согласуваме со ваквиот заклучок и ги разгледуваме нашите опции,“ соопшти портпарол на компанијата.

Ова не е првпат Meta да се соочи со обвинувања за дискриминација. Во 2022 година компанијата склучи договор со Министерството за правда на САД за промени во алгоритмите за рекламирање на недвижности, по обвиненија дека системот дискриминирал корисници според раса, религија и пол.

Францускиот случај, сепак, е првиот во Европа што експлицитно утврдува родова пристрасност во алгоритамско рекламирање, отворајќи нова етапа во борбата против дискриминацијата во дигиталната ера.

Зачлени се на нашиот е-билтен