Мајката на младото момче кое почина пред една година при падот на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад, Дијана Хрка, која штрајкува со глад во Српскиот парламент, вечерва им порача на граѓаните кои ја поддржуваат дека нема да се повлечат доколку бидат нападнати од поддржувачи на владата, од другиот собир во шаторска населба на истото место, или, пак, од полицијата.
Преку мегафон, пред илјадници граѓани кои дојдоа да ја поддржат, им порача да останат достоинствени и дека доколку бидат нападнати нема да се помрднат ниту сантиметар.
Таа зборуваше од бетонската бариера на раскрсницата на Булеварот Крал Александар и улицата Таковска, која, со метална ограда и кордон од полиција во опрема за разбивање на демонстрациите, го одделува тој собир од собирот на поддржувачи на владата пред Домот на Народното собрание.
Засега нема конфликти. Преку звучниците се пушта гласна народна и национална музика од собирот на поддржувачи на владата, на што собраните поддржувачи на Дијана Хрка гласно протестираат, јавува репортерката на агенцијата Бета.
Силни полициски сили се наоѓаат на тоа место помеѓу собирот на поддржувачи на владата во шаторска населба и поддржуваите на Дијана Хрка, мајката на Стефан Хрка, кој загина при падот на кровот на железничката станица во Нови Сад.
Полициски кордони со опрема за разбивање на демонстрациите целосно ја опкружуваат зградата на парламентот.

