Еден од крадците од Лувр е мала ѕвезда на TikTok, снима акробации на мотоцикл

Абдулаје Н беше уапсен во својот дом во Обервилиер, северно предградие на Париз, шест дена по грабежот.

Еден од уапсените за грабежот на накит вреден 88 милиони евра од музејот Лувр во Париз е мала ѕвезда на социјалните медиуми, ентузијаст за мотоцикли и поранешен обезбедувач во центарот Помпиду, објавија француските медиуми. Мажот, идентификуван како 39-годишниот Абдулаје Н, е еден од четворицата обвинети за кражбата на историскиот накит што се случи на 19 октомври, пишува The Guardian.

Абдулаје Н беше уапсен во својот дом во Обервилиер, северно предградие на Париз, шест дена по грабежот. Тој на социјлните мрежи е познат како Дуду Крос Битум и има објавено бројни видеа на YouTube, TikTok и Instagram.

Некои од нив, под слоганот „Секогаш поблиску до асфалтот“, го покажуваат како изведува акробации на мотоцикли низ Париз, додека во други дава совети за градење мускули. Во неколку видеа, тој вози Yamaha TMax, исклучително моќен модел на скутер што го користеле и крадците од Лувр. Украдениот накит сè уште не е пронајден.

Четири осомничени се во притвор

Според весникот Le Parisien, осомничениот работел за логистичката компанија UPS, Toys R Us и како обезбедувач во уметничкиот музеј Центар Помпиду. Соседите го опишале како „услужен“, „пристоен“ човек „кој го носи срцето на дланка“.

Сепак, неговото кривично досие вклучува 15 прекршоци, вклучувајќи поседување дрога, возење без дозвола и загрозување на други, а во 2014 година бил осуден за грабеж на продавница за златари.

Моментално во затвор се четворица осомничени, тројца од нив биле дел од банда од четири члена која користела украден камион со скала во грабежот за да стигне до прозорецот на првиот кат од галеријата Аполо. Двајца членови на бандата скршиле необезбеден прозорец и две стаклени витрини, по што се симнале и избегале со мотоцикли управувани од другите двајца. Целата операција траела помалку од седум минути.

Неговите отпечатоци беа пронајдени

Крадците на Лувр, избегаа со осум предмети, вклучувајќи ѓердан од смарагд и дијаманти што Наполеон I ѝ го дал на својата втора сопруга Мари Луиз и тиара со 212 бисери и речиси 2.000 дијаманти што некогаш ѝ припаѓале на сопругата на Наполеон III.

Француските медиуми објавија дека ДНК-та на Абдулаје Н е пронајдена на една од витрините и на предмети оставени на местото на злосторството, како што се ракавици. Тој е осомничен дека е еден од двајцата што упаднале во галеријата.

Париската обвинителка Лор Бекуо рече дека осомничениот малку им кажал на полицајците, но „делумно признал“ дека е вмешан. Таа додаде дека профилите на осомничените „не се совпаѓаат со оние што најчесто се поврзуваат“ со внимателно планиран организиран криминал, што предизвика шпекулации дека биле ангажирани од непознат организатор на операцијата.

Максим Каваје, еден од адвокатите на осомничените, рече дека одбраната ќе биде „исклучително внимателна“ во врска со „почитувањето на презумпцијата на невиност“. Во меѓувреме, судењето на Абдулае Н. во посебен, помал случај за оштетување на затворска ќелија во 2019 година беше одложено поради вниманието на медиумите предизвикано од грабежот во Лувр.

Зачлени се на нашиот е-билтен