ЕУ интеграцијата на Западен Балкан една од темите на средбите на Калас со Мицотакис и Герапетритис во Атина

Министерот за надворешни работи на Грција посочи дека Западен Балкан е „историско поле на развој на национализми и конфликти“

Кога станува збор за Западен Балкан или Молдавија и Украина, ЕУ може да биде главен гарант за нивната безбедност, кога тие ќе станат дел од Унијата. Ако ја погледнеме мапата, ова е местото каде што припаѓаат. И треба да си ја завршиме домашната задача, порача високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас по средбата со шефот на грчката дипломатија Јоргос Герапетритис, јави дописничката на МИА од Атина.

Проширувањето на ЕУ и европската перспектива на Западен Балкан беше една од темите што се најдоа на агендата разговори на Калас како со Герапетритис, така и со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис.

Министерот за надворешни работи на Грција посочи дека Западен Балкан е „историско поле на развој на национализми и конфликти“, а тие како Европа, мора да дејствуваат и да испратат силна политичка порака за европската перспектива, „за да го забрзаме процесот на пристапување онаму каде што постои подготвеност“.

Додаде дека потребно е да има усогласување со критериумите и секоја земја- кандидат да ги почитува европското и меѓународното право, принципите на демократијата и добрососедството.

Поддршката на Грција за пристапниот процес на Западен Балкан во Европската Унија ја повтори грчкиот премиер на средбата со Калас, посочи дека одредени земји имаат значителен напредок, но и порача дека е потребно „да ги охрабриме оние земји што не го направиле тоа да продолжат со своите напори и да не се откажуваат од перспективата за приклучување кон европското семејство“.

-Како прва балканска земја што се интегрираше во европското семејство, пред повеќе од 40 години, верувам дека сме во позиција, убедливо да им кажеме на сите земји дека треба да ги спроведат потребните реформи, а во исто време препознавајќи го напредокот што го постигнаа некои земји, рече Мицотакис.

Калас пак, нагласи дека „проширувањето е исклучително важно и дека навистина може да се постигне опиплив напредок во оваа област“.

На средбите на високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика со Мицотакис и Герапетритис станало збор и за меѓународните и регионалните случувања, со фокусот на Украина, Западен Балкан, Блискиот Исток и Источниот Медитеран. 

Зачлени се на нашиот е-билтен